Поранешниот претседател на ЛДП-Битола и долгогодишен советник во Општинскиот совет, Александар Касапов, јавно ја изрази својата поддршка за советничката листа на ЛДП-Битола предводена од Димитар Кузмановски.
Касапов потсети дека во минатото луѓето од ЛДП-Битола успешно работеле во интерес на градот и раководеле со значајни институции како Советот на Општина Битола, ЈП „Пазари“, ЈКП „Нискоградба“, градинката „Мајски Цвет“, ОУ „Тодор Ангелевски“ и економското училиште „Јане Сандански“.
„ЛДП-Битола во минатото докажа дека знае како се работи. Никогаш не сме барале изговори, ниту виновници, ниту сме клеветеле, туку постигнувале успех и покажувале резултати. Затоа верувам дека миксот од нова генерација и искуство ќе биде вистинско освежување на овие избори“, изјави Касапов.
Тој додаде дека му дава поддршка на тимот на Димитар Кузмановски затоа што, како што рече, тоа се „чесни личности кои искрено ја сакаат Битола и ќе направат сè за градот да биде пристојно место за живеење“.
„Честа и чистиот образ немаат цена. Народот е уморен од суети, разединетост, апатија и себичност. Време е интересот на Битола и битолчани да биде пред личниот и партискиот интерес. Потребни се повеќе резултати, а помалку изговори“, порача Касапов.

