Во време кога се’ почесто се промовираат рестриктивни диети и елиминација на цели групи намирници, се’ поголем број луѓе се соочуваат со јојо ефект, хормонален дисбаланс и незадоволство од сопственото тело. Нутриционистката Ива Кацарска во интервју за веб-порталот „Шеталиште“ зборува за мааните на брзите диети, зошто телото има потреба од сите три макронутриенти: протеини, јаглехидрати и здрави масти и како изгледа одржлив процес на слабеење. Таа објаснува зошто балансот, конзистентноста и правилната организација на исхраната се клучни за долгорочни резултати и здрав начин на живот.
Шеталиште: Во последно време се’ повеќе се зборува за елиминација на одредени намирници. Зошто сметате дека не треба да ги избегнуваме трите главни макронутриенти: протеини, јаглехидрати и здрави масти?
Ива Кацарска: Човечкото тело функционира најдобро само кога ги добива сите три макронутриенти. Протеините се неопходни за зачувување на мускулната маса, хормонална рамнотежа и ситост. Јаглехидратите се примарен извор на енергија, особено за мозокот и нервниот систем. Здравите масти се клучни за хормоните, апсорпција на витамини и здравје на клетките. Елиминацијата на било кој макронутриент создава дисбаланс, го забавува метаболизмот и долгорочно може да предизвика хормонални и метаболички проблеми.
Шеталиште: Кои се најчестите грешки што ги прават луѓето кога сакаат брзо да ослабнат?
Ива Кацарска: Најчести грешки се преголем калориски дефицит, прескокнување оброци, елиминација на макронутриенти односно цели групи на намирници, нереални очекувања и барање брзи резултати, недоволен внес на протеини и прекумерен кардио тренинг без правилна исхрана. Ова води до губење на мускулна маса, забавен метаболизам и јојо ефект.
Шеталиште: Препорачувате три главни оброци во текот на денот во 8–9 часовен период. Како овој принцип влијае врз метаболизмот и контролата на тежината?
Ива Кацарска: Овој принцип му овозможува на телото да има доволно време за дигестија, регулација на инсулин и користење на енергијата. Кога јадеме во ограничен временски период се подобрува чувствителноста на инсулин, се намалуваат воспалителните процеси и се стабилизира апетитот.
Шеталиште: Често го споменувате правилото со дланката како мерка за порции. Колку оваа метода им помага на луѓето?
Ива Кацарска: Ова е една од наједноставните и најефикасни методи. Луѓето развиваат свесност за количината на храна без мерење и броење калории. Ова помага во создавање одржлив и природен однос со храната и кај клиенти кои не сакаат или немаат време да мерат грамажа иако сепак тој начин е можеби најпрецизен.
Шеталиште: Не верувате во брзи диети. Кои се најчестите последици од екстремното слабеење?
Ива Кацарска: Последиците вклучуваат забавен метаболизам, хормонален дисбаланс, губење на мускулна маса, хроничен замор, зголемен апетит и брзо враќање на килограмите. Телото влегува во „фаза на преживување“ и се обидува да зачува енергија.
Шеталиште: Како изгледа процесот од првата консултација до добивањето на месечното мени?
Ива Кацарска: Процесот започнува со детална анализа која вклучува здравствена состојба, начин на животен стил, алергии на храна, висина и моментална тежина како и која е целта на клиентот. Потоа се изработува персонализиран план кој е реален, одржлив и прилагоден на клиентот.
Шеталиште: Што содржат советите и плановите и колку се прилагодени?
Ива Кацарска: Плановите содржат здрави, нискокалорични и избалансирани рецептури, количини и порции како и визуелна слика од секој оброк како треба да изгледа, листа на препорачани производи за пазарење и совети за дозволени пијалоци и предлог суплементација. Секако, имаме 24/7 достапност за комуникација со тоа што еднаш неделно е одлично клиентот да испрати резултати да знаеме до каде сме и дали е доследен до планот.
Шеталиште: Како функционира исхраната со достава и зошто клиентите ја избираат?
Ива Кацарска: Клиентите добиваат целосно подготвени, балансирани оброци според нивниот персонализиран план. Најчести причини се немање време за подготовка поради брзиот начин на живот, внесуваат правилни и точно количини односно калории, побрзи и поефикасни резултати како и практичност.
Шеталиште: Колку е предизвик да се организира подготовка и достава?
Ива Кацарска: Тоа бара прецизна организација, нутритивна контрола и квалитетни состојки. Секој оброк мора да биде прецизно подготвен брз основа на сите податоци од секој клиент индивидуално.
Шеталиште: Дали исхраната со достава може да биде едукативен процес?
Ива Кацарска: Апсолутно. Клиентите визуелно учат како изгледа избалансиран оброк со сите три макронутриенти. На дел од нив ова им помага подоцна и самостојно да одржуваат здрав начин на исхрана. Но морам да признаам дека штом пробаат деливери исхрана со години се задржваат на истата бидејќи станува дела од нивниот живот и навика и морам да се пофалам дека имаме клиенти кои се веќе и 3-та или 4-та година по ред на деливери исхраната.
Шеталиште: Колку физичката активност, особено пешачењето, помага?
Ива Кацарска: Пешачењето е една од најдобрите и најпотценети активности. Го подобрува метаболизмот, го зголемува калорискиот дефицит, го намалува стресот и го подобрува хормоналниот баланс кој е многу важен особено кај жените. Конзистентноста е многу поважна од интензитетот.














