Со уште едно сигурно издание, Македонија потврди дека квалитетот на оваа селекција е далеку над претквалификациското ниво. „Црвено-жолтите“ без пораз го заверија пласманот во втората рунда од претквалификациите, која започнува на 27 август.
И покрај бројните кадровски промени, избраниците на селекторот Жозе Берокал одиграа уште еден зрел и дисциплиниран натпревар. Во Луксембург не допатуваа Андреј Јакимовски и Марко Луканоски, а на местото на Ди-Џеј Стјуард дебитираше Нејт Сестина. Дополнително, стручниот штаб реши да му даде одмор и на капитенот Војдан Стојановски.
Со само деветмина активни кошаркари во ростерот, Македонија уште од самиот почеток ја наметна својата игра. Агресивната одбрана и добрата реализација донесоа водство од 23:15 по првата четвртина.
Во вторите десет минути нашата репрезентација одигра уште поквалитетно. Разликата постојано растеше, а на полувремето Македонија веќе имаше убедливи 46:27, практично ставајќи го натпреварот под целосна контрола.
Луксембург успеа да возврати во третата четвртина, која ја доби со 22:17 и ја намали негативата на 49:63, но тоа беше сè што домашниот состав успеа да направи. Во последниот период Македонија повторно ја стабилизираше играта, не дозволи неизвесност и рутински го приведе натпреварот до крај за конечни 80:66.
Дебито во македонскиот национален тим Нејт Сестина го одбележа со 18 поени и пет скока. Одличен натпревар одигра и Ташовски, кој постигна 16 поени, а на нив додаде и по седум скока и седум асистенции.
Ѓуроски средбата ја заврши со 13 поени, седум скока и три асистенции, додека по 12 поени реализираа Ефремовски и Какруки.
Со шест победи во шест натпревари и скор 6-0, Македонија убедливо го освои првото место во групата „А“ со 12 бодови. Зад неа завршија Луксембург, Ирска и Азербејџан, кои имаа идентичен ефект од по две победи и четири порази.
Македонската репрезентација на најдобар можен начин го затвори јулскиот ФИБА-прозорец и сега со максимална самодоверба го очекува вториот претквалификациски круг, кој започнува кон крајот на август.
Фото КФМ

