Францускиот почесен конзулат и Француската Алијанса во Битола најавуваат бројни активности во текот на традиционалната „Франкофонска пролет“.
Оваа година, покрај одбележувањето на Месецот на Франкофонијата, ќе означи и одбележување на две значајни годишнини: 30 години конзуларно делување и 25 години Француска Алијанса Битола, институција која веќе четврт век ги промовира францускиот јазик, култура и вредности.
Широко распространетото меѓународно одбележување на Месецот на Франкофонијата не претставува само програма од настани – тоа е прослава на заедничките вредности, на љубовта кон јазикот, уметноста и отвореноста кон светот.
Програма за Франкофонска пролет за март и април ќе понуди активности за сите вкусови, за сите генерации и публиката ќе има можност да ужива во богата и разновидна програма:
- Современ француски танц – енергичен и визуелно впечатлив перформанс што ја носи современата француска уметничка мисла на сцената во Битола.
- Свечена приредба во изведба на нашите најдраги, учениците – емотивен омаж на франкофонските вредности и на долгогодишната културно образовна мисија.
- Многу филм – Вечери со франкофонски филмови и Мала школа на краткометражни детски филмови – кинематографски патувања што ги доближуваат франкофонските приказни до сите генерации.
- Џипси џез вечер – страст, ритам и виртуозност во духот на француската “мануш“ музичка традиција.
- Џез концерт – Традиционално отворање на Џез Фабрика Фестивалот со француски гости како прослава на слободата, импровизацијата и културната размена.
И оваа пролет Битола повторно станува место каде културата обединува, инспирира и создава нови мостови.
Јубилеите што ги славиме се доказ за трајната посветеност на франкофонската идеја и за длабоките врски што се градат преку уметноста и образованието, пријателството и споделувањето.
Програмата ќе биде реализирана благодарение на поддршката од Француската Амбасада односно Францускиот Институт од Скопје, како и Фестивалот ТАНЦ-ФЕСТ. Наши локални партнери се: Општина Битола, НУ Народен Театар Битола, НУ Центар за култура Битола, ЈОУ Културен и информативен центар – Битола и Europe House Bitola, како и француската асоцијација Aye Aye VO / Festival International du Film de Nancy. Во соработка и со Гимназијата Јосип Броз Тито и основните училишта: Даме Груев, Гоце Делчев, Св. Кирил и Методиј, Стив Наумов и Св. Климент Охридски.
Ги покануваме сите граѓани, љубители на културата и пријатели на франкофонијата да бидат дел од ова чествување. Започнуваме на 13 март со извонредниот танцов спектакл (инфо во прилог).
Во Битола, пролетта зборува француски!
Калиопа Кривашија Стилиновиќ, почесен Конзул на Франција во Битола
Каролин Потел Златевска, директорка на Француска Алијанса Битола

