Општина Битола е лидер по број на одобрени проекти во рамки на вториот јавен повик од Инструментот за капитални инвестиции на Владата. Градоначалникот Тони Коњановски во Владата ги потпиша договорите за реализација на вкупно 65 проекти, во вкупна вредност од околу 707 милиони денари.
Проектите се распределени во рамки на пет министерства, при што најголем дел односно 27 проекти се во надлежност на Министерството за транспорт. Во Министерството за животна средина и просторно планирање се одобрени 22 проекти, во Министерството за образование и наука 12, додека по два проекти ќе се реализираат преку Министерството за култура и Министерството за спорт.
Ова е втор повик од Владата, по првиот што беше објавен во септември 2024 година, кога Битола доби 16 проекти со вредност од околу 230 милиони денари и дополнителни 45 милиони денари од општинскиот буџет како кофинансирање.
Фото: Општина Битола

