Ана Талевска, членка на Централниот одбор на Либерално-Демократската партија, ја истакна потребата од изградба на тартан патека во Градскиот парк во Битола, како модерен и безбеден начин за рекреација на граѓаните.
„На Битола ѝ е потребна тартан патека. Дел од постојната пешачка патека треба да се трансформира во современа тартан подлога, која е многу попогодна за трчање и одење од сегашните бехатон плочки“, изјави Талевска.
Таа посочи дека тартанот, за разлика од тврдите и нерамни плочки, нуди помека и попријатна подлога која го апсорбира ударот и го намалува ризикот од повреди, особено кај колената и глуждовите. Ова е особено важно за сѐ поголемиот број граѓани кои секојдневно се рекреираат во паркот.
„Модерната тартан патека ќе биде мотив за младите да се вклучат во спортски активности, зајакнувајќи го нивното здравје и дисциплина. Со тоа, Градскиот парк ќе прерасне во вистински центар на здравје и благосостојба“, додаде Талевска.
Според нејзиниот предлог, тартан патеката би се протегала на должина од 800 метри и целосно би ја заменила постојната траса на пешачката патека.
Иницијативата на ЛДП е дел од пошироките заложби за унапредување на спортската и рекреативна инфраструктура во Битола, со цел подобар квалитет на живот за сите граѓани.

