Битола има сè што ѝ е потребно за да блесне на туристичката мапа: богата
историја, уникатна архитектура, културно наследство и моќни приказни што
чекаат да бидат раскажани. Завршниот настан на проектот „КулТурПромо“,
кој се одржа во Офицерскиот дом, покажува дека токму младите може да
бидат двигатели на таа промена.
Како локална самоуправа која постојано ја поддржува младинската
креативност и се залага за современа туристичка промоција на градот,
Општина Битола го интегрираше проектот „КулТурПромо“ во Програмата на
Битолското културно лето – БИТ ФЕСТ. Со тоа, младите добија конкретен
поттик да креираат и делуваат иновативно. Овој проект дополнително го
потврдува новиот концепт на БИТ ФЕСТ, кој го најави и активно го
поддржува градоначалникот Тони Коњановски, веќе четири години.
Целта на спроведените активности во Проектот „КулТурПромо“, поддржан од
Министерството за култура и туризам во рамките на креативните индустрии
е преку фотографија, графички дизајн и дигитален маркетинг да се оживее
културното богатство на Битола и да се доближи до новите генерации.
На завршниот настан, Професорот од Гимназијата „Јосип Броз Тито“, од
Битола, Ило Трајковски раскажа инспиративна визуелна приказна за Битола
– од првите гравури од 1848 година, до заборавени бисери како куќата на
Сали-паша, старите касарни и познатата „Алхамбра“.
„Имаме приказни, имаме објекти, но многу од нив се непознати или
исчезнуваат. Сето тоа може да донесе живот и приходи за градот“, истакна
Трајковски, нагласувајќи:
„Ова е место каде што биле многу владатели, мислам и на султани. Кралот
Александар редовно ја посетувал Битола поради Првата светска војна,
грчкиот крал Ѓорги беше во посета. Нема турски претседател што не бил во
Битола, освен Реџеп Таип Ердоган. Сите дошле во Битола заради
поврзаноста со Мустафа Кемал Ататурк, и вториот турски претседател
Мустафа Исмет Инону учел во Битола. Семејството Данабаш е најбогатото
семејство кое живеело во Битола, нивната куќа била исклучителна градба –
музеј, тука се и многу други објекти“, вели Трајковски.
Туристичките водичи велат дека приказните се најсилниот туристички
производ. Марија Ивановска, туристички водич и член на Светската
федерација на водичи, нагласи дека туристите сакаат автентичност,
историја и емоции.
„Ние имаме што да кажеме, но мора да го сочуваме и да го раскажеме на
вистински начин“, рече Ивановска, предупредувајќи и на законските
недореченести кога се толерира странец туристички водич да презентира на
нашата територија.
На настанот беше потенцирана и улогата на социјалните мрежи – како
најмоќна алатка во рацете на младите. Новинарката Анета Блажевска
истакна дека една добра фотографија или кратко видео може да биде
доволно за некој да ја избере Битола како следна туристичка дестинација.
„Секоја генерација има различни мотиви за патување и туризам. Бидејќи
младите се компјутерски писмени, социјалните медиуми се нивна алатка во
потрагата по туристички цели. Дури и само една фотографија или видео
може да биде информација и повод за патување“, рече Анета Блажевска,
новинар презентирајќи ги заедничките нишки помеѓу медиумите, младите и
културната промоција на градот.
Во изминатите 4 месеци, 50 млади луѓе од Битола беа вклучени во
истражувачки и креативни индустрии, преку кои креираа свои продукти за
културна промоција на Битола. Најдобрите создадени креативни материјали
беа претставени на вчерашната изложба и претставуваат нова креативна
енергија за младите.
„Фотографијата е повеќе од слика – таа е моќ да го запре времето, да го
зачува она што ни е важно и убаво. Преку објективот не гледаме само
згради, улици или луѓе – гледаме приказни, спомени и идни можности.
Сакам младите да ја почувствуваат таа моќ, да го вреднуваат секој миг,
да го зачуваат она што е наше и да го споделуваат со светот. Зошто, ако
ние не го погледнеме и не го зачуваме убавото околу нас – кој ќе го
направи тоа?“, рече фотографката Ивона Кочов на завршниот настан на
„КулТурПромо“, на кој преку видео презентација беше претставена
нејзината изложба „Пркос кон заборавот“, реализирана во рамките на БИТ
ФЕСТ.
„КулТурПромо“ ја интегрира креативноста, образованието, туризмот,
локалната самоуправа и сите релевантни субјекти со нагласок на развој на
младите луѓе и промоција на културното наследство како клучен елемент за
одржлив развој на туризмот.
Проектот овозможи едукација на млади кадри, зголемена видливост на
културното наследство преку дигитални медиуми, развој на нови туристички
атракции и кампањи, како и унапредување на соработката меѓу локалните
заедници и туристичкиот сектор.
„На овој завршен настан, преку историска прошетка низ Битола, вмрежување
со стручната експертиза, туристичкиот сектор и согледување на
новинарските и фотографските искуства, заокружуваме една целина, која
значи нов почеток, за Вас, за сите нас“, рече Билјана Младеновска,
претседател на Здружението за истражување на пазарот на труд во функција
на мултикултурна соработка и мултиетничка толеранција „ПРОФИЦИО“.
Фото: Општина Битола








