Јадам индијанки и пијам боза. Сè друго може да почека.
Пишува Љубица Ангелкова за nulta.mk
Не влегувам во „Ат Пазар“ поради боза.
Влегувам поради спомените од детството кога баба ми ме носеше тука. Влегувам и поради она чувство што го добиваш кога жештината е лична навреда, а денот се однесува како спарно лоша шега без поента.
Сакав бегство.
Од летото, од филтрирани фрапеа, од кафулиња со менаџирани насмевки и бездушни QR менија.
Сакав… нешто што не се труди да биде ништо повеќе од тоа што е.
Затоа го сакам „Ат Пазар“ на семејството Јашаровски, како жива меморија на градот, сервирана на метална чинија.
Ниту нов. Ниту тренди. Ниту реставриран за туристичка совест.
Оваа слаткарница е таму. Со 150 години зад шанкот, а пред себе …човечки ритуал.
Тука бозата не се продава, туку се предава, како нешто што мораш да го заслужиш.
Текстурата е зрнеста. Вкусот – искрен. Точката на ферментација – совршена.
Како ироничен глас на баба ти што те опоменува дека си заборавила што е вистински вкус.
Тука не се служат слатки, туку реплики од нечија фамилијарна драма.
Ролати со шлаг што не се „тренд“, туку „стандард“.
Еклер кој не се вика некако fancy – туку едноставно „еклер“.
И човек зад шанкот со глас што го носи белегот на предците,
со очи што ја мерат бозата не според цена, туку според чувство.
Да…
Битола е град што живее од спомени, а има и места што се живи. Места без лого и неон реклама.
Како ова.
“Ат пазар” не е слаткарница. Таа е културна архива.
Со рецепти што се пренесуваат преку мускулна меморија.
Со муштерии што се внуци на муштерии.
Со време што се мери во шеќер – не во секунди.
Секогаш кога ќе сакам да проверам дали уште сум таа што сум, одам таму.
Ќе порачам индијанка.
Боза. Голема.
И ќе видам дали ќе ме препознаат.
Зашто таму, ако не те препознаат – значи си се сменил повеќе отколку што мислиш.
Или, не си од Битола.



