Пратеничката Драгана Бојковска по повод Меѓународниот ден на младите упати порака за поголема поддршка на младите, истакнувајќи дека тие се двигател на развојот на државата и дека треба да се создадат услови за нивен личен и професионален напредок во Македонија.
Во својата објава на социјалните мрежи, Бојковска се спротивстави на, како што наведе, дефетистичките пораки дека младите немаат перспектива во земјата и дека треба да ја напуштат.
„Во Македонија може да се успее. Со работа. Со многу работа. Со труд и знаење. Со образование. Знаењето и талентот никој никогаш не може да ви ги земе. Тие се вашата најголема вредност“, порача Бојковска.
Таа оцени дека младите имаат огромна енергија, потенцијал и желба да создаваат, додавајќи дека е неопходно да се гради самоуверена, образована и здрава младина која ќе продолжи да ја развива државата.
Во објавата Бојковска направи осврт и на, според неа, реализираните политики насочени кон младите, наведувајќи реконструкција на студентски домови, проширување на опфатот на субвенционираниот студентски оброк, зголемени средства за науката, ваучери за набавка на електронски уреди за студентите, како и поддршка за младите претприемачи.
Според неа, посебен акцент е ставен на инвестициите во образованието, дигитализацијата, изградбата и реконструкцијата на училишта, спортски сали и градинки, како и на создавањето подобри услови за студентите и младите истражувачи.
„Младите не се само иднината. Тие се еднакво важен чинител во општеството денес – и неговиот најголем потенцијал за утре“, истакна Бојковска.
Таа порача дека младите треба да се поддржуваат преку конкретни проекти, мерки, образование и можности, а стекнатото знаење и искуство да се вложуваат во развојот на Македонија.
Фото: Фејсбук профил на Драгана Бојковска

