Фудбалскиот клуб “Broadmeadow Magic SC” – поранешен “Newcastle Makedonia”, испиша нова страница во својата историја, откако стана првиот клуб со македонски корени од Њукасл што обезбеди пласман во Австралиското првенство, освојувајќи ја титулата во својата лига по извонредна сезона.
Со овој голем успех, “Broadmeadow Magic” му се приклучува на “Preston Lions FC” екс “Preston Makedonia”, кој веќе обезбеди директен пласман, што значи дека два горди клуба основани од Македонците ќе се натпреваруваат во едно од најпрестижните национални фудбалски натпреварувања во Австралија.
Двата клуба имаат богата историја и уживаат огромна поддршка од македонските заедници во Њукасл и Мелбурн. Нивниот успех е доказ не само за квалитетот и резултатите на теренот, туку и за долгогодишниот придонес на Македонците во Австралија кон развојот и унапредувањето на фудбалот во земјата.
Искрени честитки до Broadmeadow Magic и Preston Lions за овој историски успех. Нивниот пласман претставува гордост за целата македонска заедница во Австралија и ширум светот, со надеж дека и други клубови основани од Македонци ќе го следат нивниот пример и ќе продолжат да се натпреваруваат на највисокото ниво на австралискиот фудбал. – стои во честитката на македонскиот неделен весник кој се издава во Австралија на македонски јазик.

