Во салата „Боро Чурлевски“ во Битола, ракометарите на Вардар 1961 вечерва го победија Еурофарм Пелистер со 27:22 во дербито на плејофот на македонското првенство.
До победата „црвено-црните“ стигнаа со одличното второ полувреме кое го решија во своја корист со 16 наспроти 10 голови на домаќините.
Тренерот Иван Чупиќ по дербито не го криеше задоволството за своите играчи, но и покрај големата бодовна разлика со ривалот, има уште многу натпревари за играње.
„Првото полувреме игравме нервозно, со црвен картон, промашувавме зицери и губевме топки, но останавме во мечот. Благодарение на голманот и добрата одбрана, не дозволивме Пелистер да направи поголема разлика. Во второто полувреме се смиривме, продолживме со одбраната и знаевме дека нашите моменти ќе дојдат, дека ќе го притиснеме Пелистер да ризикува и да чекаме своја шанса. Мечот беше фер и коректен, со одлична атмосфера, секогаш е убаво да се игра пред полна сала. Ова беше шампионска одбрана за титула и тоа ни донесе два важни бода. Сезоната сè уште трае, цел март, април и мај. Има уште многу да се игра и за што да се бориме, за титула, за Купот и за Ф4 во Европската лига. Затоа, одиме чекор по чекор“, изјави тренерот на Вардар 1961, Иван Чупиќ.
По оваа победа РК Вардар 1961 има шест бодови предност на врвот на табелата, додека Е. Пелистер остана со 40 бода, исто колку и третопласираниот ГРК Охрид.



