Снег ја обели планината Златибор во Србија, во текот на утринските часови, а врнежите се засилуваат, објави „Јуроњуз“.
– Дождот во текот на ноќта премина во лапавица и снег, а сега веќе почна сериозно да вее. Изгледа дека ќе бидат точни сите оние прогнози за зимата која се враќа во мај – изјави мештанин.
Според податоците на Републичкиот хидрометеоролошки завод (РХМЗ), во 9 часот наутро на Златибор била измерена температура од 0 степени. Моменталните врнежи засега не предизвикаа поголеми проблеми во функционирањето на сообраќајот, а патните служби се во состојба на приправност и подготвени да реагираат доколку има потреба.
На возачите им се советува дополнителна претпазливост при возењето, со оглед на тоа што законската обврска за користење зимска опрема веќе не е на сила.
Студен бран во поголемиот дел од земјата
Во поголемиот дел од Србија утринава е облачно и многу студено. Снег паѓа на Копаоник, Златибор и во Сјеница, додека дожд паѓа во западните, централните и источните делови на земјата.
Во Војводина и во западна Србија денеска се очекува разведрување, па во текот на поголемиот дел од денот ќе биде претежно сончево. Во останатите краишта ќе остане претежно облачно и значително посвежо, на места со дожд, а на планините со снег.
Попладне и навечер се очекува престанок на врнежите и намалување на облачноста во речиси целата земја, освен во источна Србија, каде врнежи ќе има и во текот на ноќта.

