Во заедничка акција на ренџерската служба на ЈУ Национален парк „Пелистер“ и полициски службеници од СВР Битола, во близина на локалитетот Голема Грива биле пронајдени вооружени лица кои навлегле длабоко на територијата на националниот парк, во зона на строга заштита.
Акцијата започнала во средата, на 12 август, по 19 часот, откако биле добиени информации од повеќе извори од терен за присуство на лица со огнено оружје. Во потрагата учествувале две патроли на НП „Пелистер“, предводени од директорот Иванчо Тошевски и потпомогнати од полициски службеници од СВР Битола.
Патролните тимови се движеле независно еден од друг по тешко достапен терен на надморска височина од над 2.000 метри.
Едниот тим пристапувал од правец на селото Велушина, а другиот од правец на Инфоцентарот, со цел да стигнат до локацијата каде што, според добиените информации, се наоѓале вооружените лица.
По повеќе од три часа пешачење, околу 23:30 часот, лицата биле лоцирани во близина на Голема Грива, во зона на строга заштита. Од моментот на нивното лоцирање, со понатамошните активности раководеле полициските службеници.
Акцијата завршила околу 4 часот наутро на 13 август, кога лицата биле спроведени во полициска станица.
Од НП „Пелистер“ ја истакнуваат континуираната соработка со СВР Битола во заштитата и зачувувањето на природата и изразуваат благодарност за поддршката и професионалноста на полициските службеници.
Истовремено, од Националниот парк посочуваат дека теренот каде што се одвивала потрагата е тешко достапен и сложен за редовна контрола од страна на ренџерската служба поради недостиг од соодветна инфраструктура. Шумските патишта, кои имаат значајна улога во противпожарната заштита и патролирањето, со години биле оставени да пропаѓаат, а од установата најавуваат дека веќе се работи на нивно обновување.
„Токму во тој дел на НП Пелистер, каде што е најголемата површина на строга заштита, за жал, од поединци сè уште има обиди за незаконити активности, но во соработка со СВР Битола истите навремено ги спречуваме во нивните намери“, соопштија од Националниот парк „Пелистер“.
Фото: Национален парк Пелистер





