Со положување свежо цвеќе пред споменикот на НОАВМ, денеска во Битола беше одбележан 8 Септември – Денот на независноста на Македонија и 35-годишнината од историскиот референдум на кој граѓаните се изјаснија за самостојна и суверена држава.
Почит оддадоа градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, членови на Советот на Општина Битола предводени од претседателот Бојан Бојкоски, претставници на Сојузот на борците, политички партии, здруженија и граѓани.
Со одбележувањето беше оддадена почит на сите генерации кои со својата борба, визија и придонес учествувале во создавањето и изградбата на современата македонска држава.
По повод Денот на независноста, градоначалникот Коњановски упати честитка до граѓаните, нагласувајќи дека независноста не е само датум од историјата, туку и секојдневна одговорност, грижа и надеж за иднината.
„Со длабока почит се поклонуваме пред сите кои ја изградиле темелната мисла за македонска држава. Се потсетуваме на идејниот и борбен влог на секој поединец, на секој кој давал личен придонес во создавањето на македонската држава. Погледот ни е насочен и кон иднината – кон младите. Тие се срцето на нацијата, двигателот на промените и најсилниот гарант дека Македонија ќе остане на патот на достоинството и државотворноста. Наша обврска е да продолжиме да ја градиме Македонија како земја на можности, слобода и правда“, порача Коњановски.
На 8 септември 1991 година, граѓаните на референдум се изјаснија за независна и суверена Македонија, со што беше отворено ново поглавје во современата македонска историја.
Од Општина Битола по повод празникот упатија честитка до граѓаните со порака: „Нека ни е честит 8 Септември – Денот на независноста. Нека ни е вечна Македонија.“













