Јавната општинска установа Културно информативен центар Битола промовира изложба „Торза“ на македонскиот скулптор и визуелен уметник Андреј Митевски.
Изложба на скулптури за прв пат се промовира во битолскиот Офицерскиот дом и ќе биде отворена до 9 септември, информираа од КИЦ Битола.
-Во скулптурите на Андреј Митевски, женското торзо се појавува како издвоена форма во која телото е истовремено присутно и отсутно. Она што недостасува не создава празнина, туку го активира погледот и ја поттикнува имагинацијата на гледачот да ја замисли целината. Овие торза не се само приказ на женското тело, туку потрага по неговата безвременска суштина, истакна Јасмина Котевска, историчар на уметност.
Изложбата на скулптури „Торза“ е прв културен настан по богатото битолско културно лето „БитФест“ што го организираше КИЦ Битола.

