Во ЛШ се случувале чуда – може ли Баерн до пресврт каков што никогаш не направил?

0
Споделивања

Лигата на шампионите низ годиниве понудила низа чуда за кои никој не верувал од ланските епски мечеви на Реал Мадрид на патот кон европската титула, кам-бекот на Рома против Барса, тој на Ливерпул против Каталонците, или неверојатните 6-1 на Барса против ПСЖ пред низа години, па после џиновските 3-0 на Манчестер сити со Баерн Минхен, прашање е дали е можно ново чудо во европската елита?

Баерн вечерва од 21 часот ја чека четата на Пеп Гвардиола во која има разлика која ги става во позиција за „невозможна мисија“, но фудбалот секогаш е таква игра во која ништо не е однапред сигурно, па ни овие три разлика на Сити, особено што играат Германци. Прашањето е дали Баерн има сила и капацитет за вакво чудо, особено што никогаш во историја Баварците не успеале да надоместат три или повеќе разлика по прв меч во елиминациска фаза во Европа.

„Ни треба чудо! Не знам дали е добро да зборуваме за резултат 4-0 или 5-0. Треба да сме реални, но веруваме во себе. Секој има право да верува. Ако одиграме добро прво полувреме, ќе имаме шанса во второто. Сѐ е можно“, вели Томас Тухел, тренерот на Баерн.

Многупати Баерн низ историјата почнувајќи од 1963 година наваму се наоѓал во ситуација да брка три гола негатива и не успевал, а против Сити ќе им треба и повеќе од перфектен меч, зашто не само што ќе мора да даваат голови, туку ќе мора и да го запрат незапирливиот Ерлинг Браут Халанд, кој барем досега ретко кој успеал да го неутрализира. Но, Сити не е само Халанд и има уште многу адути во нападот.

„Огромна планина нѐ чека за да ја искачиме. Не смееме да сонуваме, туку да веруваме. За мене сон е – спиење. Тука сега ни секунда не смееме да заспиеме. Не сме сами, ја имаме публиката зад нас и заедно сме спремни до крај да се бориме“, додава Тухел.

Иако Сити има огромна предност, Гвардиола уште по првиот меч посочи, а сега и повтори дека не е ништо готово.

„Грешка е да размислуваме за резултатот од првиот меч или за тоа што сме направиле порано. Мора да играме како знаеме, ќе се обидеме да дадеме гол(ови). Не ги разбирам тие размислувања дека доаѓаме во Минхен да браниме 3-0. Не, доаѓаме да одиграме 11 на 11 против еден од најголемите клубови во историјата на ова натпреварување и уште еднаш да бидеме подобри од нив“, вели Гвардиола.

Интер има огромни 2-0 од Лисабон, па на „Џузепе Меаца“ ја чека Бенфика за заверка на полуфиналето и градско дерби со Милан за финале во ЛШ. Ако се суди според формата, двата тима се ужасно лоши во домашните првенства, но Интер кога беше најпотребно пред осум дена направи исчекор кон најдобрите четири, а сега тоа само формално треба да го заврши, иако никој однапред не смее да ги отпише „орлите“, најмногу и поради интеровите падови во текот на мечевите.

Не е Бенфика без шанса, но како и Баерн има скоро „невозможна мисија“ за да направи пресврт.

„Знаеме кои се предностите на Бенфика, имаме предност од два гола, но знаеме и дека нѐ чека многу тежок меч. Мора да одиграме со ист интензитет како во Лисабон, зашто Бенфика е клуб кој многу трча и напаѓа. Ако сакаме да поминеме, мора да бидеме еден цврст и агресивен тим“, вели Симоне Инѕаги пред мечот со „орлите“.

Бенфика не се откажува, ниту се предава, најавувајќи дека ќе направат сѐ за да се вратат во двомечот за место во полуфинале.

„Мора да го прифатиме тој пораз од минатата недела и да гледаме напред, а пред сѐ да бидеме фокусирани на тоа што мора да го направиме на терен, да бидеме мотивирани со отворен и чист ум за да дојдеме до врвен резултат. Мора да даваме голови, сезонава тоа го покажавме и на многу важни мечеви“, вели Роџер Шмид.

МОЖНИ СОСТАВИ – ЧЕТВРТФИНАЛЕ, ЛШ

БАЕРН МИНХЕН – МАНЧЕСТЕР СИТИ (0-3 ПРВ МЕЧ)

Стадион „Алијанц Арена“, 21 часот, судија Турпан (Франција)

Баерн: Зомер – Павар, Де Лихт, Упемекано, Дејвис – Кимих, Горецка – Коман, Мусиала, Сане – Милер

Манчестер с.: Едерсон – Вокер, Рубен Диаш, Аке – Стоунс, Родри – Бернардо Силва, Де Брајне, Гундоган, Грилиш – Халанд

ИНТЕР – БЕНФИКА (2-0 ПРВ МЕЧ)

Стадион „Џузепе Меаца“, 21 часот, судија Дел Серо (Шпанија)

Интер: Онана – Дармијан, Ачерби, Бастони – Думфрис, Барела, Чалханоглу, Мхитарјан, Димарко – Џеко, Мартинез

Бенфика: Влаходимос – Жилберто, Антонио Силва, Отаменди, Грималдо – Чиркињо, Флорентино – Жоао Марио, Рафа Силва, Орснес – Гонсало Рамош

Извор: Спорт1

0
Споделивања
Exit mobile version