Влегувањето во Хрватска од овој јуни стана значително построго поради целосната примена на новите европски правила, објави „Вечерњи лист“.
Од 1 јуни 2026 година започна целосната примена на новите европски правила во Хрватска, со што стана задолжително поднесувањето влезни скратени декларации (УСД) за стока што по патен или по железнички транспорт се внесува во царинското подрачје на Европската Унија преку царинските испостави на прв влез во Хрватска.
Обврската за поднесување на декларацијата првенствено е на превозникот, но таа може да биде поднесена и од негов застапник, од примателот на стоката или од друг овластен. За поднесување на декларацијата, превозникот, декларантот и застапникот мора да имаат активен ЕОРИ-број регистриран во Европската Унија.
Роковите за поднесување на декларацијата се најмалку еден час пред пристигнувањето кај патниот транспорт и еден до два часа кај железничкиот транспорт.
Ненавременото поднесување на декларацијата може да предизвика доцнења и застои во понатамошните царински постапки.
Од оваа обврска е изземена стоката што се наоѓа во личниот багаж на патниците. Под личен багаж се подразбираат лични предмети потребни за патување и предмети наменети за лична употреба.
При влез во ЕУ од трети земји постојат ослободувања од царина, ДДВ и акцизи за стока за лична употреба до одредена вредност, зависно од видот на транспортот.
За авионски и поморски сообраќај лимитот е 430 евра, додека, пак, за патен и за железнички изнесува 300 евра, а за патници под 15 години 150 евра.
Покрај тоа, постојат и ограничувања за внес на алкохол и на тутун. Дозволени се 40 цигари или еквивалентни тутунски производи, 1 литар жесток алкохол или 2 литра помалку јак алкохол, како и 4 литри вино и 16 литри пиво.
Овие ослободувања не важат за луѓе помлади од 17 години.
Важно е да се напомене дека стоката што се превезува во товарниот простор на возила наменети за транспорт на стока (градежен материјал, мебел, апарати за домаќинство, резервни делови и слично) не се смета за личен багаж и подлежи на редовна царинска постапка.
За патниците кои доаѓаат од повеќето трети земји, како што се Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Косово, важат посебни ограничувања.
Не е дозволен внес на месо, млеко и на производи од месо и млеко.
Сепак, дозволено е да се внесат до 20 килограми риба и рибни производи по човек
Исто така, може да се внесат до 2 килограми мед, јајца и други производи од животинско потекло, како и до 2 килограми специјална храна за доенчиња, медицинска храна и храна за домашни миленици.
Леб, бисквити, чоколада, тестенини, додатоци во исхраната и слични производи што ги исполнуваат пропишаните услови, можат да се внесуваат за лична употреба без посебни количински ограничувања.
Производите што ги надминуваат дозволените количини подлежат на ветеринарен преглед и мора да бидат придружени со соодветна документација.
Непријавените или недозволените производи од животинско потекло се одземаат и се уништуваат, а патникот може да биде парично казнет.

