На подрачјето на Националниот парк Пелистер, во близина на локацијата позната како „Антена“, пријавен е исчезнат планинар, по што веднаш е започната спасувачка акција.
Според информациите од Центарот за управување со кризи, лицето било телефонски достапно околу десет минути, но по тој период сигналот од мобилниот телефон бил изгубен. Потрагата најпрвин била извршена со ратрак, но без конкретни резултати.
Случајот бил пријавен во СВР Битола и во Националниот парк Пелистер, по што екипи веднаш биле упатени на терен.
Потрагата е отежната поради непристапниот планински терен и густата магла која владее на Пелистер.
Од Ситуациониот центар биле побарани координати за лоцирање на планинарот, но доставените координати не одговарале на првично пријавената локација. Поради тоа, остварен е директен контакт со директорот на Националниот парк Пелистер, кој и самиот се наоѓа на терен и е вклучен во акцијата.
Директорот стапил во комуникација со началникот на СВР Битола со цел обезбедување на точни координати и побрзо лоцирање на исчезнатото лице.
Акцијата за пронаоѓање и спасување на планинарот сеʼ уште е во тек, а надлежните служби апелираат на внимателност и одговорно однесување при движење во планинските предели, особено во услови на намалена видливост и лоши временски услови.

