Инфлацијата во Германија во септември би можела да се искачи над 3 проценти, под влијание на рекордно високите цени на горивата и нарушувањата во снабдувањето со нафта предизвикани од конфликтот на Блискиот Исток.
Во август, годишната стапка на инфлација во најголемата европска економија изнесуваше 2,9 проценти, а доколку во септември надмине 3 проценти, тоа би било највисоко ниво од декември 2023 година, кога инфлацијата достигна 3,7 проценти.
Горивата повторно го зголемуваат ценовниот притисок
Во текот на септември, загриженоста околу глобалното снабдување со нафта повторно се зголеми поради конфликтот во Иран и нестабилноста во регионот.
Цената на суровата нафта Брент привремено надмина 100 долари за барел, додека бензинот и дизелот достигнаа рекордни нивоа на германските бензински пумпи.
Високите цени на енергенсите директно влијаат врз трошоците за транспорт и производство, со што создаваат дополнителен притисок врз потрошувачките цени.
Германија го намалува данокот на горивата
Германската влада од 1 октомври планира привремено намалување на данокот на горивата до крајот на годината. Мерката треба да ги намали даночните давачки за околу 0,17 евра по литар, со цел да се ублажи ударот врз возачите и домашните буџети.
Слично намалување во текот на мај и јуни веќе имаше ефект врз инфлацијата, а се очекува и новата мерка да придонесе за нејзино постепено забавување до крајот на годината.
Сепак, среднорочно инфлацискиот притисок би можел да остане висок. Германските економски истражувачки институти очекуваат просечната инфлација да достигне 3,2 проценти во 2027 година, во споредба со 2,8 проценти годинава.
Новиот официјален податок за инфлацијата во Германија за септември денеска треба да го објави Сојузниот завод за статистика пренесува банкарство.

