Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, по предлог на претседателот на партијата Христијан Мицкоски, го избра Горан Исков за нов претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Битола.
По изборот, Исков изрази благодарност за укажаната доверба, оценувајќи дека функцијата претставува голема чест, но и сериозна одговорност.
„Чест ми е да соопштам дека ми е укажана довербата да го водам најголемиот општински комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Довербата која ми ја доделија ме исправува пред огромна одговорност. Оваа позиција ќе ја извршувам не сам, туку рамо до рамо со членството, пратениците, градоначалникот и сите битолчани“, истакна Исков.
Тој порача дека во наредниот период ќе се залага за чесен и одговорен пристап, поголема достапност до членството, поддржувачите и граѓаните, како и за натамошно зајакнување на партиската организација во Битола.
Исков упати благодарност и до досегашниот претседател на Општинскиот комитет, Пеце Милевски, за неговиот ангажман и водството на комитетот во изминатиот период, нагласувајќи дека неговиот придонес бил значаен во повеќе изборни циклуси.
Во својата досегашна политичка кариера, Горан Исков беше активен во Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, извршуваше функции како координатор на изборна единица и потпретседател на Општинскиот комитет, а во моментов е директор на ЕСМ „Молика“.
Од партијата оценуваат дека неговиот избор е потврда дека посветеноста, трудот и континуираната работа се препознаваат и вреднуваат, изразувајќи очекување дека со новата функција ќе продолжи со одговорно работење во интерес на Битола.

