Со згрижени речиси 1 500 деца, седумте прилепски градинки се исполнети капацитети по летните одмори.
-Седумте градинки во Прилеп работат со полн капацитет. Имаме згрижено 1486 дечиња. Нема никаков проблем во сместувањето, вели Билјана Петкоска, в.д директор на градинки „Наша иднина“-Прилеп
Но и покрај новата градинка „Бајка“ во прилепската населба Точила, има листа на чекање. На згрижување чекаат околу 150 дечиња. Просторни услови има, но има и недостиг од персонал. Листата е видно намалена, во споредба со минатата година, но поради недостигот од околу 30 члена персонал, не може да се оспособат и четирите занимални во новата детска градинка „Бајка“ која работи со половичен капацитет. Во моментов недостасува персонал од сите структури, четворица воспитувачи, осум негуватели, хигиеничари, садомијачи, градинар-стражар и хаус-мајстор.
-Недостиг од персонал поради пензионирање имаме во сите градинки. Имаме доставено барања и чекаме на согласности. Се надеваме дека ситуацијата за брзо ќе се реши. На пример, во новата детска градинка „Бајка“ имаме четири занимални опремени со мебел, но поради недостиг од персонал не се во функција. Тие би згрижиле околу 100 дечиња и листата на чекање би се намалила на 50-тина дечиња, објаснува Петкоска.
Во населените места, само во прилепското село Бероци има градинка со 12 дечиња. Простор има и на други места, но засега нема потреба.
Прилепските градинки се подготвени за новите предизвици и за згрижувањето на најмладите.
Миа

