Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, искажа јавна поддршка на кампањата за одвикнување од пушење, која денеска беше акцентирана на работилница за зајакнување на активностите за контрола на тутунот и унапредување на услугите за одвикнување од пушење на локално ниво.
Настанот, организиран Министерството за здравство, во соработка со Светската здравствена организација (СЗО) и Центарот за семејна медицина, претставува продолжение на посетите реализирани во декември 2025 година, информираа од Општина Битола.
– Работилниците се организираат во контекст на новиот предлог-закон за заштита од пушење и програмите за јавно здравје, со цел подобрување на координацијата и активностите на локално ниво. Целта на работилницата е да се поттикне дијалог и координација меѓу локалните институции и да се подготви акциски план на ниво на Општина Битола за 2026 година за зајакнување на активностите за контрола на тутунот, со посебен фокус на унапредување на работата и видливост на советувалиштата за одвикнување од пушење и подобро информирање на населението за достапните услуги. Како градоначалник на Битола, но и како доктор епидемиолог, ја искажав подготвеноста, и лична и на локалната самоуправа, за уште поголем акцент во кампањите против овој порок. Општина Битола има успешна соработка и со канцеларијата на СЗО во Македонија, Министерството за здравство и со Центарот за јавно здравје – Битола, во кој неколку години функционира советувалиштето за одвикнување од пушењето – истакна градоначалникот Коњановски.
Фото: Општина Битола
Извор: МИА

