Skip to content
Шеталиште

Шеталиште

Се гледаме

setaliste-970x90-1
WEBIART-BANER
Primary Menu
  • Дома
  • Вести
    • Битола инфо
    • Македонија
    • Балкан
    • Прилеп инфо
    • Економија
    • Свет
  • Култура
    • Кино
    • Настани
    • Филм
    • Театар
  • Спорт
    • Ракомет
    • Фудбал
    • Кошарка
    • Останати
  • Теми
    • Астрологија
    • Забава
    • Занимливости
    • Автомобили
    • Шоубиз
    • Технологија
    • Здравје
    • Патувањa
    • Психологија
    • Шоубиз
  • Интервју
  • Колумни
  • Саботно корзо
  • Саботно кафе
  • Локални избори 2025
  • Промо
  • Вести
  • Македонија

Г.г. Стефан: Трите Илиндена не се само датуми, туку сведоштво дека Македонија постоела и постои

Шеталиште 02/08/2026 07:48
g-g-Stefan

Сите три Илиндена не се само датуми, туку се сведоштво дека Македонија постоела и постои, и дека живее во срцата на своите чеда, а нашата слобода е плод на духовната зрелост и жртвата на нашите предци. Но, слободата не е нешто што ни е дадено еднаш и засекогаш, туку е подвиг којшто треба да се чува. Како македонски народ, Илинден нѐ повикува на покајание и на враќање кон светите вредности – кон: верата, правдата, честа и достоинството, наведува Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан во Илинденското послание.

– Само доколку сме чесни, верни и воцрковени, ако се обединиме и се помириме како народ, ќе се одбраниме и ќе постоиме, трудејќи се да го запазиме единството на Духот преку врските на мирот, порачува меѓу другото поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан во посланието за Илинден.

 † СТЕФАН,
ПО МИЛОСТА БОЖЈА,
АРХИЕПИСКОП
ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ,
ЗАЕДНО СО
СВЕТИОТ АРХИЈЕРЕЈСКИ СИНОД,
ПО ПОВОД ИЛИНДЕНСКИТЕ ПРАЗНУВАЊА,
ИСПРАЌА МИР И БЛАГОСЛОВ ОД БОГА
ДО СВЕШТЕНОСЛУЖИТЕЛИТЕ,
ДО МОНАШТВОТО И ДО СИТЕ ЧЕДА НА
МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА

Сети се на старите денови,
помисли за годините на поранешните поколенија[1].

„Мир и благослов од Бога до свештенослужителите, до монаштвото и до сите чеда на Македонската православна црква“ по повод илинденските празнувања испраќа Архиепископот охриски и македонски⁷ г.г. Стефан заедно со Светиот архиерејски синод во Илинденското послание што МИА го пренесува во целост.

Возљубени празникољупци,

Денес, со трепет и со духовна радост, го прославуваме Илинден – големиот настан од нашата народна и црковна историја, денот кога го чествуваме споменот на светиот и славен пророк Илија, но и кога се сеќаваме на родољубивата и храбра борба на нашите предци за слобода, правда и чест.

Денешното празнување е длабоко врежано во спомените на нашиот слободољубив народ. Зашто Илинден не е само празнично одбележување, туку е и сеќавање коешто преобразува, коешто нѐ потсетува на богоугодните дела на светиот пророк Илија, но и на славните илинденци, и коешто нѐ повикува нивните вера и верба да останат да бидат наш пример и патоказ.

Светото Писмо ни го посведочува пророкот Илија како исповедник на вечно живиот Бог многу векови пред Христа. Одликувајќи се со исклучителна вера и честитост, тој истапил против постапките на тогашните цар и царица кои отпаднале од вистинскиот Бог.

Иако живеел во Стариот, светиот Илија се јавил и во Новиот Завет, на гората Тавор, заедно со Мојсеја, за време на Христовото преображение[2]. А пред крајот на светот повторно ќе дојде, како што пееме и во неговиот тропар: „Ангел во тело, столб на пророците, втор Претеча на Христовото доаѓање“[3].

Возљубени во Господа,

Пророкот Илија го прославуваме како боговидец и ревнител за Божјото слово, како изобличител на беззаконите цареви и на лажните пророци. Таков бил свети Илија: чувар на Божјиот завет, постојан сведок Божји и будител на заспаната совест. Затоа, од нашиот народ неговиот празник бил избран за ден кога македонскиот народ се кренал на востание.

И денес, во времиња кога се поткопуваат моралните вредности низ светот и кога мнозина наметнуваат лажни верувања – светиот Илија нека ни биде пример за следба. Неговиот живот е сличен на историјата на македонскиот народ, која е исполнета со страдања, но и со надеж; со порази, но и со воскреснувања. Храбрите илинденски јунаци не се плашеле од оние кои можеле  да го убијат телото[4], па храбро се кренале против петвековниот поробувач. Имајќи вера во Бога, тие биле подготвени на жртва за идните поколенија да живеат слободно. И токму на Илинден ја започнале борбата за слобода – борбата да бидат свои на своето и достоинствени пред историјата.

Инаку, троен е Илинден во македонската историја: првиот, од 1903 година, кога македонскиот народ се кренал на востание. Вториот, асномскиот Илинден, од 1944 година, го потврди правото на сопствена држава. Третиот, пак, од 1991 година, донесе независност и, иако само на дел од македонската земја, конечно дочекавме слободна и независна држава.

Сите три Илиндена не се само датуми, туку се сведоштво дека Македонија постоела и постои, и дека живее во срцата на своите чеда, а нашата слобода е плод на духовната зрелост и жртвата на нашите предци. Но слободата не е нешто што ни е дадено еднаш и засекогаш, туку е подвиг којшто треба да се чува. Затоа, да се трудиме постојано да стоиме во слободата, со која Христос нѐ ослободи, и да не се подаваме повторно под ропски јарем[5].

Возљубени родољупци,

И ние, наследниците на славните илинденци, се наоѓаме на историски крстопат, соочени со нови бури и премрежија. Затоа и нашето поколение треба да го продолжи илинденскиот подвиг и да го чува она коешто е стекнато со многу страдања и жртви.

Како македонски народ, Илинден нѐ повикува на покајание и на враќање кон светите вредности – кон: верата, правдата, честа и достоинството. Но, само доколку сме чесни, верни и воцрковени, ако се обединиме и се помириме како народ, ќе се одбраниме и ќе постоиме, трудејќи се да го запазиме единството на Духот преку врските на мирот[6].

Возљубени чеда на Мајката Македонска Црква,

Во времињата кога сме немале своја држава, Црквата била таа којашто нѐ чувала во сите овоземни бури. Во неа не се чувала само верата, туку и просветата и писменоста, културата и националната свест. Таа била народен дом во кој се чувала свеста за достоинството на македонскиот човек. И денес нашата Црква е жива и бодра Мајка, која постојано нѐ потсетува дека без верата во Христа нема ниту спасение, ниту национално опстојување.

Затоа, како библиски народ, секогаш да се трудиме да останеме чеда Божји, исполнети со богољубие, родољубие и човекољубие. Да бидеме народ кој го памети и го живее славниот Илинден. Да ги негуваме илинденските идеали, зашто само така ќе ги сочуваме како наследство и аманет за идните македонски поколенија, каде и да живееме како народ. По примерот на свети Илија да бидеме бодри и ревносно да си ја чуваме прадедовската вера, па чувајќи си ја верата, да си ги запазиме и Црквата, и Татковината и националната посебност.

Во овие празнични мигови, да се помолиме семилостивот Бог да ги всели во рајската населба душите на сите кои се жртвувале за слободата на Македонија! Ним нека им е вечен споменот, а нас, нивните наследници, Бог нека нѐ чува и нека нѐ благослови! Амин!

 Честит и вечен Илинден!

† СТЕФАН,
АРХИЕПИСКОП
ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ заедно со членовите на Светиот архијерејски синод
на Македонската Православна Црква
– Охридска Архиепископија

† ПЕТАР, Митрополит Преспанско-пелагониски
† НАУМ, Митрополит Струмички
† АГАТАНГЕЛ, Митрополит Повардарски
† ЈОВАН, Митрополит Крушевско-демирхисарски
† МЕТОДИЈ, Митрополит Американско-канадски
† ПИМЕН, Митрополит Европски
† ИЛАРИОН, Митрополит Брегалнички
† ЈОСИФ, Митрополит Тетовско-гостиварски
† ГРИГОРИЈ, Митрополит Кумановско-осоговски
† ГЕОРГИЈ, Митрополит Дебарско-кичевски
† НИКОЛА, Митрополит Австралиско-новозеландски
† ЈОАКИМ, Епископ Дељадровско-илинденски
† МАРКО, Епископ Делчевско-каменички

Илинден, 2026-то лето Господово

[1] 5 Мојс 32, 7.

[2] Сп. Мт 17, 1–8; Мк 9, 2–8 и Лк 9, 28–36.

[3] Тропар на свети Илија.

[4] Сп. Лк 12, 4.

[5] Сп. Гал 5, 1.

[6] Ефес 4, 3.

Извор: МИА / Фото: МПЦ-ОА

Continue Reading

Претходно: Бигорски манастир со традиционално одбележување на Илинден
Следно: Мисајловски: Илинден е темелот на современата македонска држава

Поврзани вести

2a8e8d57e7cbbb5c665cda265d884fe3
  • Вести
  • Култура
  • Македонија
  • Настани

Од Охрид започнува „Силно светнал ден” – големиот музичко-сценски спектакл за 35 години независност

Шеталиште 08/08/2026 12:48
Komarec
  • Македонија

241 случај на западнонилска треска во Европа, во Македонија регистрирани 13

Шеталиште 08/08/2026 10:51
Screenshot 2026-08-08 100519
  • Вести
  • Свет
  • Спорт
  • Фудбал

Барселона под “притисок” од мигрантска криза го откажа пријателскиот натпревар во Мароко

Димитар Петковски 08/08/2026 08:06
GRKINKA
TROPIKO
-_
шеталиште 360 х 300
300 X 300

Тренд Вести

Од Охрид започнува „Силно светнал ден” – големиот музичко-сценски спектакл за 35 години независност 2a8e8d57e7cbbb5c665cda265d884fe3 1
  • Вести
  • Култура
  • Македонија
  • Настани

Од Охрид започнува „Силно светнал ден” – големиот музичко-сценски спектакл за 35 години независност

08/08/2026 12:48
241 случај на западнонилска треска во Европа, во Македонија регистрирани 13 Komarec 2
  • Македонија

241 случај на западнонилска треска во Европа, во Македонија регистрирани 13

08/08/2026 10:51
Барселона под “притисок” од мигрантска криза го откажа пријателскиот натпревар во Мароко Screenshot 2026-08-08 100519 3
  • Вести
  • Свет
  • Спорт
  • Фудбал

Барселона под “притисок” од мигрантска криза го откажа пријателскиот натпревар во Мароко

08/08/2026 08:06
25 години од трагедијата кај Карпалак karpalak-1 4
  • Македонија

25 години од трагедијата кај Карпалак

08/08/2026 08:00
Портокалова фаза, температури до 40 степени toplo1 5
  • Македонија

Портокалова фаза, температури до 40 степени

08/08/2026 07:59

Можеби сте пропуштиле

2a8e8d57e7cbbb5c665cda265d884fe3
  • Вести
  • Култура
  • Македонија
  • Настани

Од Охрид започнува „Силно светнал ден” – големиот музичко-сценски спектакл за 35 години независност

Шеталиште 08/08/2026 12:48
Komarec
  • Македонија

241 случај на западнонилска треска во Европа, во Македонија регистрирани 13

Шеталиште 08/08/2026 10:51
Screenshot 2026-08-08 100519
  • Вести
  • Свет
  • Спорт
  • Фудбал

Барселона под “притисок” од мигрантска криза го откажа пријателскиот натпревар во Мароко

Димитар Петковски 08/08/2026 08:06
karpalak-1
  • Македонија

25 години од трагедијата кај Карпалак

Шеталиште 08/08/2026 08:00

Disklejmer

За нас
Контакт
Импресум
Услови за користење
Ценовник за рекламирање
Ценовник за платено политичко рекламирање 2025

2025 © Сите права се задржани