Двомесечно бебе починало синоќа на детското одделение во Општата болница во Кавадарци по дводневна хоспитализација во болницата. Бебето на 12 јануари било примено на Одделот за педијатрија поради обилно повраќање по хранење.
Од болницата во Кавадарци велат дека додека било хоспитализирано, бебето имало уредни лабораториски анализи и параметри. Два дена подоцна, по итен повик од мајката дека детето не може да дише, бил повикан педијатар и анестезиолог кои почнале процес на реанимација.
Општа болница Кавадарци
– Започната е реанимација со соодветна терапија која траела околу 35 минути, но за жал без успех. По констатирањето на смртта, согласно законските процедури, известени се надлежните служби – Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство. Земени се изјави од родителите и од дежурниот медицински персонал, по што телото на доенчето е предадено на обдукција, со цел утврдување на точната причина за смртта
По добиената информација за починатото бебе во болницата во Кавадарци, од министерството за здравство за Телевизија 24 велат дека иницирале вонреден инспекциски надзор.
Министерство за здравство
– Веднаш по добивање на информацијата иницираше да биде извршен вонреден инспекциски надзор од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, по што јавноста ќе биде информирана.
За случајот информираа и од СВР Велес. Оттаму велат дека за починатото бебе во полициската станица било пријавено вечерта на 14 јануари во 21 часот и 35 минути.
Според бројките на државниот завод за статистика, во 2023 година на територијата на цела држава вкупно починале 30 новороденчиња додека во 2024 бројката е 47. Во периодот од 2019 па се до 2024 најмногу починати новороденчиња имало во 2019 година пренесува 24.мк

