Денеска празник на виното и на љубовта – се слават Св. Трифун и Св. Валентин

0
Споделивања

Со желби за берикетна година и голем род, по повод Христијанскиот празник Свети Трифун кој се смета за заштитник на лозарите, низ земјава започна кроењето и осветувањето на виновата лоза.

Централната манифестација традиционално се одржа во Кавадарци, каде лозовите гранки се полеаја со вино и ракија и се осветија, а со тоа се означи почетокот на новата лозарска сезона. Градоначалникот на општина Кавадарци Митко Јанчев посака празникот да се слави уште многу години, а младите генерации повеќе да се посветат и на лозарството и на земјоделието.

Министерството за земјоделство на денешниот празник им исплати 5,2 милиони евра субвенции на 11.689 лозари низ државата, за грозје произведено во 2024 година, додека од Министерството за култура најавија унапредување на винскиот туризам..

Со подарување на цвеќиња, чоколади, плишани мечиња и најразлични подароци во симболот на љубовта, Католиците и голем дел од помладата генерација пак, го одбележуваат Валентајн или Денот на вљубените. Граѓаните кои ги анкетиравме во најголем број сепак го празнуваат св.Трифун, но велат дека денот дава убава можност на младите да си ја искажат љубовта.

– Па најверојатно св.Трифун, традицијата е наша треба нашето да си го славиме. Мислам, јас немам ништо против љубов и св.Валентин ма да убав повод е и љубовта така да може и двете да ги славиме..Кога станува збор за слави не сме ние многу ограничени тука..

– Св.Труфун, Македонци сме Православци..Валентајн по мене е западен празник, така навлезен младите си го слават, убаво им е си изразуваат љубовта, но сепак св.Трифун.

Денот на вљубените традиционално ги наполни цвеќарниците, а во оние каде направивме обиколка цената на еден буќет се движи од 300 до 3000 денари во зависност од видот и големината. Цвеќарите кои не сакаа да говорат пред камерите, велат иако цените биле минимално зголемени, прометот на денешниот ден не опаднал.

0
Споделивања
Exit mobile version