Според старите обичаи, денешниот ден е клучен за успехот на секоја нова работа што ќе ја започнете годинава.
Македонската православна црква и верниците денеска го слават споменот на Преподобен Пахомиј Велики, еден од најголемите светители и основоположници на монашкиот живот во христијанството.
Роден во Мисир како незнабожец, во младоста бил војник во војската на царот Константин. Откако од христијаните дознал за едниот Бог и го видел нивниот чесен и милостив живот, Пахомиј решил да се крсти.
Веднаш потоа заминал во Тиваидската пустина кај познатиот подвижник Паламон, каде што десет години го учел строгиот духовен живот.
Ангелот што му го дал манастирскиот устав
Преданието вели дека на местото викано Тавенисиот, на Пахомиј му се јавил ангел Господов во облека на схимник. Ангелот му предал штичка на која бил напишан уставот за заеднички манастирски живот и му заповедал на тоа место да изгради манастир, прорекувајќи му дека таму ќе се соберат многу луѓе кои го бараат спасението на душата.
Пахомиј веднаш почнал да гради многу келии, иако во тој момент таму немало никој освен него и неговиот брат Јован.
СПЦ.рс
Преподобен Пахомиј Велики (348)
Кога братот го прекорил дека гради непотребни згради во пустината, Пахомиј едноставно му одговорил дека ја следи Божјата заповед, без разлика кога и кој ќе дојде да живее таму.
Набргу, водени од Божјиот Дух, на тоа место навистина почнале да се собираат луѓе. Бројот на неговите ученици со текот на времето пораснал до неверојатни седум илјади, па Свети Пахомиј основал уште шест манастири во текот на својот живот. Се упокоил мирно во 348 година, во својата 74-та година од животот.
Што вели народното верување за денешниот ден?
Покрај големото духовно значење на Свети Пахомиј, во народот со векови се пренесува едно многу важно верување врзано токму за овој датум, но и со оние што планираат да запопнат бизнис.
Верувањето вели:
Секој што денеска ќе започне некоја нова работа, бизнис или проект со кој сака успешно да се занимава во иднина – неговата желба и труд ќе бидат благословени со успех.
Затоа, народните обичаи наложуваат денеска ни под точка „разно“ да не заборавате да бидете храбри. Без разлика дали станува збор за учење, планирање нов бизнис, расчистување на стари обврски или почеток на некоја креативна идеја – одважете се и направете го првиот чекор уште денес, за да ви оди со лесно и со успех до крајот на годината!
Денес го славиме и Свети Ахил, епископ Лариски
Овој голем јерарх и чудотворец беше роден во Кападокија. Учествуваше на Првиот Вселенски Собор, на којшто ги посрами еретиците како со својата ученост така и со светоста, предизвикувајќи голем восхит.
Зеде свети Ахил еден камен и им викна на ариевците: „Ако Христос е создание Божјо, како што велите вие, речете од овој камен да потече елеј!“
Еретиците молчеа и се чудеа на таквиот предизвик од светителот.
Тогаш свети Ахил повторно рече: „А ако Синот Божји е рамен на Отецот, како што веруваме ние, нека потече елеј од овој камен!“.
И навистина, на општо восхитување, потече елеј. Свети Ахил се упокои мирно во Лариса во 330 година. Кога Цар Самоил ја освои Тесалија, ги пренесе моштите на свети Ахил во Преспа, на островот во езерото којшто се нарече, а и денес се вика Ахил или Аил.
denovi.mk

