Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, денеска оствари посета на детската градинка „Росица“, која е дел од ЈОУДГ „Естреја Овадија Мара“, како и на подрачното основно училиште „Коле Канински“ во населбата „Буковски Ливади“, каде изврши увид во новоинсталираниот современ систем за греење и ладење со топлински пумпи.
Објектот е дел од проектот „ЕУ за чист воздух“, кој се реализира преку Канцеларијата за проектни активности на Обединетите нации (UNOPS) во соработка со Општина Битола. Како што информираше директорката на ЈОУДГ „Естреја Овадија Мара“, Весна Лозановска, проектот опфаќа образовни објекти кои нема да бидат приклучени на системот за Топлификација, а предвидува воведување на енергетски ефикасни и еколошки решенија за греење и ладење.
Во рамки на проектот, покрај засадувањето на 1.500 садници на територијата на општината, во два образовни објекти во Битола се поставени топлински пумпи, меѓу кои и објектот во „Буковски Ливади“, каде се сместени и градинката и училиштето. Директорката Лозановска појасни дека во реализацијата на проектот со сопствени средства учествувала и градинката „Росица“, која обезбедила дел од потребните градежни и технички зафати.
Директорката на училиштето „Коле Канински“, Дијана Толевска-Христовска, изрази задоволство од имплементацијата на проектот, истакнувајќи дека новиот систем значително ги подобрува условите за престој и работа, а со тоа и квалитетот на наставниот процес за учениците.
Градоначалникот Коњановски нагласи дека поставувањето на топлинските пумпи претставува значајна придобивка за децата и вработените, како од аспект на комфорот, така и од аспект на заштитата на животната средина. Тој додаде дека, како дел од обврските на Општина Битола во рамки на проектот, во наредниот период ќе биде поставена и нова енергетски ефикасна фасада, со што дополнително ќе се намалат топлинските загуби и ќе се зголеми енергетската ефикасност на објектот.
Фото: Општина Битола



