Железното момче од Битола – Ален Рустемовски освои бронзен медал на Европското сениорско првенство во Софија, откако во полуфиналето загуби со одлука на судиите од Ајдер Абдураимов од Украина. Но затоа во постот на социјалните мрежи Ален Рустемовски изјави дека тука не застанува и дека сон му е Олимпијада и олимписки медал со Македонија.

„Целиот мој живот се борев за овој момент. Освојување сениорски европски медал беше еден од моите најголеми соништа“, порача Рустемовски по завршувањето на настапот во објава на фејсбук.
Неговиот пат до европскиот подиум не бил лесен. Години тренинзи, жртви, ограничена финансиска поддршка, подготовки и кампови без тренер, па дури и заминувања на турнири и натпревари сам.
Сепак – не се откажал.
„Желбата за успех ми беше преголема. Знаев дека еден ден ќе успеам. Денес можам да кажам дека ова е само почеток.“
Посебна тежина има фактот што, според Рустемовски, со овој успех по 20 години повторно е донесен европски медал во бокс за Македонија.
А неговите амбиции не завршуваат со европската бронза.
„Мојот сон останува ист – Олимпијада, олимписки медал и еден ден да освојам сè што може да се освои“.
Ален нагласи дека медалот им го посветува и на сите луѓе кои останале покрај него, го поддржувале и верувале во него во најтешките моменти.
Од европскиот ринг се враќа со бронза околу вратот, но и со порака дека патот продолжува.

