Во текот на 27 и 28 мај 2026 година во Скопје се одржа 4. Форум за културна дипломатија – Скопје 2026, на тема „Од крстопати кон поврзувања: Културната дипломатија и иднината на глобалниот дијалог“, се вели во соопштението од Кабинетот на поранешниот претседател Ѓорге Иванов, што МИА го објавува интегрално.
Настанот беше во организација на Кабинетот на поранешниот претседател на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, Меѓународниот центар Алијанса на цивилизациите (ICAC) и Институтот за културна дипломатија од Берлин, со поддршка на Министерството за култура и туризам, како и на државните институции вклучени во програмата на Форумот.
Во рамки на свеченото отворање Министерството за надворешни работи и надворешна трговија се одржа воведна сесија и панел-дискусија на тема „250 години подоцна: Демократијата, културната моќ и значењето на глобалниот дијалог во свет во промени“.
По повод 250 години од основањето на Соединетите Американски Држави, дискусијата беше посветена на улогата на демократијата, културната дипломатија и глобалниот дијалог во градењето доверба, соработка и стабилност во време на забрзани геополитички промени.
На отворањето се обратија Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, Никол Варнес, вршител на должност амбасадор во Амбасадата на САД, д-р Ѓорге Иванов, претседател на Република Македонија 2009–2019, Марк Донфрид, директор на Институтот за културна дипломатија и Дуке Бојаџиев, македонски композитор, музички продуцент и пијанист.
Воведни зборови имаше Иван Иванов, претседател на Извршниот одбор на Меѓународниот центар Алијанса на цивилизациите (ICAC), а модератор на сесијата беше Васко Наумовски, поранешен македонски амбасадор во САД.
Во своето обраќање, д-р Ѓорге Иванов истакна дека 250-годишнината од основањето на Соединетите Американски Држави претставува можност за поширока дебата за демократијата, институциите и глобалниот дијалог во современиот свет.
Тој нагласи дека културната дипломатија претставува еден од најважните механизми за градење доверба, разбирање и соработка меѓу народите и цивилизациите, особено во време на глобални предизвици, општествени поделби и пад на демократските слободи.
Иванов посочи дека демократијата не е завршен проект, туку постојан процес на обновување на институциите, слободите и човековото достоинство, додавајќи дека вистинската вредност на демократијата се гледа тогаш кога човекот може слободно да го изрази сопствениот идентитет, достоинство и право на самоопределување.
Во рамки на Форумот се одржа и сесијата „Лидерството и културата како мостови меѓу цивилизациите“ во Кабинетот на претседателката на Република Македонија, со обраќање на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Во Собранието на Република Македонија се одржа сесијата „Улогата на демократските институции во културниот дијалог: Од претставување до кохезија“, со обраќање на претседателот на Собранието, Африм Гаши. На сесијата учествуваа повеќе домашни и меѓународни говорници и претставници од областа на политиката, културата и дипломатијата, од странство и од земјата, меѓу Јован Суботиќ, пратеник во Собранието на Црна Гора, Андреја Рихтер, директор на Форумот на словенски култури и поранешен министер за култура на Словенија, Давор Филиповиќ, поранешен министер за економија и одржлив развој на Хрватска, Каталин Анамарија Богај, претседател на Унгарската национална комисија за UNESCO и на Асоцијацијата на Обединетите нации на Унгарија и претседател на 36. Генерална конференција на UNESCO, Хедва Сер, амбасадор на добра волја на UNESCO за културна дипломатија, Станко Благојевиќ, помошник-министер за меѓународни односи и европска интеграција на Република Србија во областа на културата, како и пратениците од македонскoто Собрание, Велика Стојкова Серафимовска и Бејџан Илјаз, членови на Комисијата за култура и туризам.
Во рамки на Форумот беше организирана и посебна сесија посветена на културата, креативноста, културната дипломатија и „Скопје 2028 – Европска престолнина на културата“, во соработка со Министерството за култура и туризам и Град Скопје.
На сесијата, која се одржа во Музејот на Град Скопје, се обрати министерот за култура и туризам Зоран Љутков, по што следеше панел-дискусија на тема „Визија за иднината: Скопје 2028 и моќта на креативноста“. На панел-дискусијата учествуваа истакнати македонски уметници, културни работници и јавни личности, меѓу кои македонскиот театарски режисер Дејан Пројковски, македонската балерина, кореограф и уметнички директор на Скопје танцов театар Рисима Рисимкин, македонскиот писател и драмски автор Братислав Димитров, оперската пејачка и првенка на Македонската опера и балет Ана Дурловски и Гере Трипков, претседател на Здружението „Еднаквост“.
Модератор на сесијата беше Александра Јуруковска, книжевен критичар, автор, новинар и промотор на културата.
На Форумот учествуваа дипломати, политичари, експерти, уметници и јавни личности од Македонија, САД, Германија, Франција, Унгарија, Словенија, Хрватска, Србија и Црна Гора.
Фото: Кабинет на поранешниот Претседател на Република Македонија 2009-2019
д-р Ѓорге Иванов
Извор: МИА

