Во рамките на Меморандумот за соработка со Управата за извршување на санкции, денес започна првиот заеднички ангажман на лица од Казнено-поправната установа Затвор – Битола. Акцијата опфати чистење и уредување на просторите покрај магистралниот пат, со што се дава пример за одговорно однесување кон заедницата и животната средина.
Овој ангажман претставува значаен чекор кон подигање на јавната свест за важноста од чиста и уредна околина, како и кон унапредување на институционалната соработка.
Во наредниот период, се планира во ваквите активности да бидат вклучени и лица од останатите казнено-поправни установи и домови низ државата, со цел оваа позитивна практика да се прошири и да стане континуирана.
Од Управата за извршување на санкции истакнуваат дека ваквите заеднички акции се само почеток на една долгорочна и партнерска соработка, чија крајна цел е создавање подобри услови за сите и почиста животна средина.
Фото: Управа за извршување на санкции






