Општина Новаци започнува со реализација на значаен инфраструктурен проект во рамките на Индустриската зона Новаци. Станува збор за инвестиција во вредност од 22.001.625 денари, обезбедена преку вториот повик од Инструментот за капитални инвестиции на Владата.
Проектот предвидува изградба на водоводна мрежа, атмосферска и фекална канализација на новопланираните улици во индустриската зона, со што се создаваат основни предуслови за развој на бизнис секторот и зголемување на економската активност во регионот.
„Оваа инвестиција е директно вложување во иднината на општината и државата. Пари што порано исчезнуваа без трага, денес се гледаат во објекти, улици, училишта и водоводи“, напиша на Фејсбук градоначалникот на општина Новаци, Стевче Стевановски.
Ова е само еден од вкупно 828 проекти од вториот повик, чија вкупна вредност изнесува речиси 13,9 милијарди денари, односно околу 225 милиони евра. Владата ја истакнува оваа мерка како пример за домаќинско, отчетно и одговорно управување со јавните средства.
Со овој проект, Општина Новаци прави нов чекор напред во создавање на подобра инфраструктура, поквалитетни услови за живот и работа и одржлив локален економски развој.
Фото: Стевче Стевановски (Фејсбук)

