Вчера во периодот од 17:00 до 23:00 часот, Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата при Секторот за сообраќајни работи и Одделението за сообраќајно и ескортно обезбедување спроведоа акциска контрола на подрачјето на град Битола, со цел санкционирање на возачи на мопеди, мотоцикли, трицикли, четирицикли и електрични тротинети кои не ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.
Од МВР информираат дека при контролата, изречени биле вкупно 58 мерки за сторени сообраќајни прекршоци и кривични дела.
Од нив шест мерки кон возачи на електрични тротинети, 25 мерки за возачи кои управуваат мотоцикл без заштитен шлем (кацига), една мерка за истечена полиса за осигурување, три мерки за несоодветна категорија и 18 мерки за останати сообраќајни прекршоци.
При акциската контрола одземено било едно моторно возило за предизвикување на бучавост по член 344 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Откриени биле и четири кривични дела и лишени од слобода биле четири лица за сторено кривично дело по член 297-а од Кривичниот законик за управување на мотоцикл без да поседува возачка дозвола.
Од МВР посочија дека на сите сторители изготвени биле соодветни поднесоци.
„Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредниот период. Апелираме до сите учесници во сообраќајот доследно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи. Само со одговорно однесување можеме заеднички да придонесеме за побезбедни патишта“, порачаа од таму.

