Во годината кога Македонија одбележува сто години од раѓањето на големиот композитор Кирил Македонски, неговото име повторно се споменува со голема почит во јавноста. До Државното музичко училиште во Битола пристигнаа иницијативи за негово именување по овој великан на македонската музика, кој со своето творештво оставил длабок белег во културната историја на земјата.
Иницијативите ги поднеле д-р Пламенка Македонска, ќерка на композиторот и претставник на семејството Македонски, како и НУ Завод и музеј – Битола, институцијата во која неодамна беше предаден голем дел од легатот на композиторот. Семејството на Македонски му подари на музејот повеќе од 500 книги од семејната библиотека, 30 регистратори со ретки документи, семејни фотоалбуми, партитури, либрета, музички инструменти и лични предмети, кои сведочат за животот и делото на авторот на првата македонска опера „Гоце“.
Во интервју за веб-сајтот Умно.мк, Пламенка Македонска истакнува дека долго размислувала каде да го предаде овој богат материјал, со цел тој да биде достапен за истражувачите и јавноста:
„Заводот и музеј во Битола е институција која има посебно место во чувањето, заштитата и презентирањето на македонското културно наследство. Имам голема доверба дека достојно ќе го сочува и презентира ликот и делото на мојот татко“, вели таа.

Според Пламенка Македонска, нејзиниот татко бил неуморен творец, кој и во најтешките услови создавал музика. Либретото за операта „Цар Самуил“, како што сведочи, го напишал во битолската кафеана „Македонија“, а музиката во кафеаната „Солун“, без инструмент, со шестчасовна дневна работа во текот на две години. Белградскиот весник „Политика експрес“ во 1964 година ја објавил веста со наслов „Цар Самуил од кафана“.
Покрај семејството, иницијативата за именување на музичкото училиште по Кирил Македонски ја поддржуваат бројни културни институции: Македонската опера и балет, Народниот театар – Битола, НУ Завод и музеј – Битола, Државниот архив на РСМ – одделение Битола, Ректорот на УКЛО, Центарот за култура – Битола, како и неколку поранешни ученици на училиштето, денес истакнати музички уметници.
Паралелно, пристигна и иницијатива училиштето да го носи името на композиторот Михајло Николовски – Ѓумар, исто така значаен музички уметник и поранешен директор на училиштето.
Директорката на Државното музичко училиште, Марија Шамоска-Буџаковски, во својата изјава за веб-порталот Апла.мк, истакнува дека училиштето е подготвено да го прифати предлогот што ќе го добие најширокиот општествен консензус:
„Убаво е училиштето конечно да добие име кое ќе ја одразува неговата традиција и значење. Од 1947 година, кога беше формирано, Државното музичко училиште – Битола не е именувано, и сметам дека дојде време тоа да се промени“, вели Шамоска – Буџакоски.

Таа потсетува дека училиштето низ својата историја изродило бројни музички таленти кои денес настапуваат на најреномираните сцени во земјата и во странство.
Во чест на големиот јубилеј, НУ Завод и музеј – Битола подготвува спомен-соба посветена на животот и делото на Кирил Македонски, која ќе биде отворена за јавноста до крајот на годината.
Кирил Македонски (1925–1984) зад себе остави повеќе од 160 дела, меѓу нив четири музичко-сценски дела („Гоце“, „Цар Самуил“, „Дафина“ и „Илинден“), пет симфонии, десетици камерни и хорски композиции, детски оперети, филмска и сценска музика. Според музиколозите и современиците, „она што е Моцарт за Австрија, Бетовен за Германија, тоа е Кирил Македонски за Македонија“.
Во своето интервју за Умно.мк, Пламенка Македонска вели дека татко ѝ можел да биде пример за тоа како се остваруваат високи цели со посветеност, истрајност и љубов кон татковината. Последните зборови што ги запишал, неколку месеци пред да почине, биле дел од композиција посветена на „мајка Македонија“.

Со иницијативата за именување на Државното музичко училиште во Битола по Кирил Македонски, градот има можност да му оддаде трајна почит на својот голем музички син, а идните генерации ученици да го носат неговото име како симбол на високите уметнички и човечки вредности кои тој ги претставуваше.

