Градскиот ракометен клуб Охрид за прв пат во својата историја обезбеди пласман во финалето на Купот на Македонија по победата од 26:19 над Е. Пелистер во Струмица.
Натпреварот одигран во салата „Парк“ во Струмица каде се игра завршницата од Купот на Македонија, покажа дека ГРК Охрид е во одлична натпреварувачка форма пласирајќи се во финалето од Купот, докажувајќи дека не случајно се пласираа охриѓани во полуфиналето од Европскиот Куп.

Тимот предводен од Борис Ројевиќ ја наметна својата игра уште од самиот почеток, неутрализирајќи ги нападите на Еурофарм Пелистер и покажа тактичка супериорност и одлична дефанзива, со што го елиминираше фаворизираниот битолски клуб и закажа финален дуел за недела. ГРК Охрид се соочува со проблеми пред финалниот меч. Јапонскиот интернационалец Јасухира, кој беше еден од клучните играчи во организацијата на играта за охриѓани се здоби со повреда при крајот на натпреварот.

За битолчани овој пораз претставува сериозен неуспех, имајќи предвид дека важеа за фаворити за Купот на Македонија. Тимот на Стевче Алушовски делуваше неорганизирано, со голем број технички грешки и слаба реализација. И покрај напорите на капитенот Филип Кузмановски, кој беше најефикасен на натпреварот со 9 голови, битолчани не успеаа да ја пробијат дефанзивната бариера на противникот. Ова е втор последователен пораз на Еурофарм Пелистер од ГРК Охрид, што укажува на тренд на опаѓање на формата на битолскиот состав во клучните моменти од сезоната.
ГРК Охрид, в недела, ќе игра со победникот од дуелот меѓу Вардар 1961 и Алкалоид и ќе се бори за својата прва титула во Купот.
Видео МРТ

