default
„Силно светнал ден“ во Битола со музика, глума и танц започна одбележувањето на големиот јубилеј, 35 години од независноста на Македонија. Платото пред Офицерскиот дом беше претесно да ги прими сите граѓани кои беа дел од музичко-сценскиот спектакл.
„Силно светнал ден во Битола, нека ни е вечна Македонија“ – беше пораката што одекна пред многубројната публика која синоќа беше дел од програмата посветена на 35-годишнината од независноста на Македонија.
Во празнична и емотивна атмосфера, караванот „Силно светнал ден“ пристигна во Битола, каде пред Офицерскиот дом беше приреден музичко-сценски спектакл кој преку уметност ја раскажа приказната за изминатите три и пол децении од независноста на државата.
Преку спој на музика, глума, танц и мултимедијални содржини, публиката имаше можност да се потсети на дел од најзначајните историски моменти, подемите, предизвиците и достигнувањата што го одбележаа периодот од прогласувањето на независноста до денес.
Настапите на познати македонски музички изведувачи и актери дополнително ја збогатија програмата, а големиот број посетители создадоа впечатлива атмосфера на платото пред Офицерскиот дом.
Караванот се организира во пресрет на 8 Септември – Денот на независноста, кој годинава се одбележува во знакот на големиот јубилеј 35 години независна Македонија.
„Силно светнал ден“ ќе патува низ вкупно 11 градови низ државата, каде преку музичко-сценска програма ќе продолжи одбележувањето на јубилејот.
Со спектаклот во Битола, караванот на емотивен и свечен начин ја пренесе пораката за заедништво и почит кон историските моменти кои ја одбележаа независноста на Македонија.
Фото: Општина Битола






































