Корекцијата на цените на паркирањето, во согласност со пазарните услови, е економски оправдана, временски задоцнета и неопходна мерка за одржливо функционирање на ЈП „Паркинзи“ – Битола, истакна директорот на претпријатието, Зоран Михајловски.
Според Михајловски, без соодветна регулација на стационарниот сообраќај, невозможно е ефикасно управување со сообраќајот во урбана средина од обем како Битола, што може да доведе и до сериозни последици по работењето на претпријатието кое има клучна улога во спроведувањето на законските надлежности на општината во оваа област.
Тој посочи дека корекцијата на цените не е само економска мерка, туку и инструмент за регулирање на сообраќајниот метеж, особено во централните градски подрачја. Платениот паркинг, како што нагласи, спаѓа во т.н. репресивни мерки со кои се ограничуваат непотребните патувања во најоптоварените зони и се овозможува поголема флуктуација на возилата.
„Пакетот од 40 денари за три часа во централната А-зона е надвор од секоја логика за регулирање на сообраќајот и наместо да ги одвраќа непотребните паркирања, ги стимулира. Затоа потребно е воведување временско ограничување на паркирањето од еден или неколку часови, доволни за завршување на секојдневните обврски, со што ќе се зголеми бројот на слободни паркинг места во централното подрачје“, изјави Михајловски.
Тој очекува дека со ваквите мерки ќе дојде до намалување на бројот на паркинг сесии за околу 20 отсто, како резултат на користење алтернативни начини на превоз како јавен превоз, велосипед, електрични тротинети и мопеди.
„Намалувањето на моторниот сообраќај ќе придонесе за помал сообраќаен метеж, помала бучава и намалено загадување во централното градско подрачје, што е во корист на сите граѓани“, нагласи директорот на „Паркинзи“.
Како значаен податок, Михајловски ја истакна и состојбата со уличната мрежа во градот, која е проектирана за околу 10.000 возила, додека во Битола моментално се регистрирани околу 39.000 возила, што наметнува потреба од примена на ефикасни сообраќајни политики и мерки за контрола.
Платениот паркинг, според него, е само една од мерките кои треба да бидат дел од поширок сет решенија за подобро управување со сообраќајот во градот.
Инаку, изминатата недела во Битола се одржа и панел-дискусија на тема унапредување на услугите што јавните претпријатија им ги нудат на граѓаните.

