Последното, 22. коло од „МТЕЛ“ Супер лигата ќе ги тргне сите постоечки дилеми околу тоа кои шест екипи ќе се борат за титулата, а кои шест за избегнување на трите позиции кои водат во понизок ранг на натпреварување.
Во недела, од 18.часот, ќе се играат финалните шест натпревари од регуларниот дел на сезоната во суперлигашката конкуренција.
Од она што е извесно е дека екипите на ТФТ и МЗТ Скопје Аеродром ќе атакуваат на првата позиција.
Предноста е на страна на „црно-белите“ кои имаат бод повеќе во однос на бранителот на титулата.
И во последниот круг од натпреварите, им следува гостување во Кавадарци, и натпревар против екипата на Тиквеш Голден игл.
Од друга страна, доста значаен и за екипата на Тиквеш Голден Игл (скор 10-11), кој го имаат уште две екипи (МКК Куманово и Чаир 2030), со кои во овој момент, го делат шестото место на табелата.
Уште потешка е задачата на еден од нив, МКК Куманово.
Кумановци ги чека гостување во салата „Лазар Лечиќ“ во Скопје, и дуел против екипата на Работнички на која секоја победа и е особено важна во обидите да се обезбеди суперлигашкиот статус, макар и низ претстојните мечеви од Плеј-аут конкуренцијата во која ќе играат екипите од 7. до 12. позиција на табелата по 22.одиграни кола.
Во иста ситуација е и екипата на Чаир 2030. Но, можеби некој промил повеќе на шанси имаат „сино-белите“ со оглед на тоа дека последниот натпревар од регуларниот дел го играат на домашен терен.
Но во недела навечер, во салата „Шабан Трстена“, гостува актуелниот шампион, МЗТ Скопје, дефинитивно, со свои амбиции и очекувања.
Чаирчани бараат победа, но очекуваат и порази на конкурентите во ова последно коло од „МТЕЛ“ Супер лигата.
Потврда на плеј-офот очекуваат екипите на Кожув и на Маџари, двете со ефект (11-10). Со победа во последното коло, извесно е и дека ќе ги задржат актуелните места, четврттото односно петтото.
Се чини дека полесна е задачата на кошаркарите на Маџари. Новакот во суперлигашкото друштво во оваа сезона игра против последнопласираната екипа на табелата, Ангели.
Многу понеизвесен, се очекува да биде дуелот во салата „26.април“ во Гевгелија каде гостува екипата на Пелистер, за која, без оглед на конечниот исход, е резервирана позицијата број 3.
Гостивар и Феникс 2010 пак ќе играат за што е можно подобра стартна позиција во Плеј-аут сегментот, во кој, во наредните пет кола ќе се бараат три места кои носат опстанок во елитниот ранг.

