Снимена е мечка како трча низ улицата Македонска фаланга кај Градскиот парк во Битола и објавена на социјалните мрежи.
Со години отстрелот на мечки е забранет со закон поради што овие диви животни се намножија во планинските предели околу Битола. Ова не е првпат мечка да се симне во градот. Во мај 2022 беше снимена како трча низ населбата Буковски ливади.
„Почитувани сограѓани,
Како градоначалник на Битола и во име на Општина Битола Ве информирам дека во врска со случајот на појава на мечка што можеше да се види на видео споделено на социјалните мрежи, контактирав и ги информирав Центарот за управување со кризи, Министерството за внатрешни работи, како и државниот инспекторат за шумарство и ловство при Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство и Агенцијата за храна и ветеринарство.
Деновиве има повеќе пријави до институциите за мечка во атарот на селата Трн, Оптичари, Поешево и Егри, а последната пријава на бројот 112 во Центарот за управување со кризи е од денешните рани утрински часови за мечка видена во околината на градскиот парк во Битола.
Од страна на институциите бев известен дека во тек се со актуелната состојба.
Изминатите години во овој регион исто така имало пријави и случаи каде биле нанесувани материјални штети од мечки кои согласно законите се под трајна заштита.- стои во соопштенинето на Фејсбук профилот на градоначалникот Тони Коњановски.

