Кракен, новата позаразна подваријанта на омикрон, варијанта на коронавирусот, пристигна на Балканот. Поточно, во Романија се потврдени два случаи на оваа зараза, од кои едно дете. Иако навикнати, сега веќе со години, секојдневно да слушаме за нови случаи на зарази, овојпат ситуацијата е поалармантна – во прашање е најпреносливиот и најзаразниот сој кој научниците некогаш го откриле.
Имено, националниот Институт за заразни болести „Матеи Балс“ во Букурешт потврди дека детето и неговата мајка се заразени со кракен, а за среќа и двајцата засега имаат благи симптоми.
Меѓутоа, од Институтот предупредува дека нема простор за опуштање, бидејќи се работи за мутација која би можела да биде исклучително отпорна на постоечките вакцини против коронавирусот.
Што е новата варијанта?
Се чини дека варијантата кракен еволуира поинаку од претходните варијанти.
Варијантата кракен е потомок на варијантата XBB, наречена грифон.
Грифон предизвика големи избувнувања во Азија минатата есен. Тоа беше првиот документиран пример на варијанта SARS-CoV-2 која еволуираше од два вируса кои комбинираат генетски информации.
На ова предупредува и Светската здравствена организација (СЗО), која објави дека XBB.1.5, како што е означен овој нов сој, е „најпреносливата подваријанта што е откриена досега“.
Исто така, кракен ги избегнува и постоечките антитела во организмот, кои се стекнати како резултат на претходните инфекции со коронавирусот.
Исто така, се верува дека е XBB. 1,5 е 96 отсто позаразен од омикрон – варијантата на вирусот која во текот на минатата година го нападна светот.
Оваа варијанта би можела да го направи истото, бидејќи во моментов не постои вакцина ниту лек што директно би го спречувале заразувањето со овој сој, што значи дека „пред себе има доволно време“ за дополнително да мутира.
Бидејќи како што вирусот се размножува, неговите гени поминуваат низ случајни генетски мутации и со текот на времето се случуваат промени во површинските протеини или антигените на вирусот и произведуваат варијанти.
Стапките на хоспитализација рапидно растат во областите каде што варијантата кракен се шири
Регионите во Соединетите Држави погодени рано од кракен доживуваат драматично забрзување на приемите во болница. Кај лица на возраст од 70 и повеќе години, стапките се како оние забележани со оригиналниот вирус ковид-19 и варијантата омикрон.
„Она што сега го гледаме при хоспитализациите е еден од побрзите зголемувања на стапките на хоспитализација што го видовме во пандемијата во целина“, вели д-р Џејмс Лолер, експерт за заразни болести во „Небраска медисин“. „Вкупната стапка на хоспитализација расте кај сите возрасти, но најмногу кај оние кои се најранливи и постари од 70 години“.
Кои се симптомите?
Во време на сезонски грип и други вируси, многу луѓе се прашуваат како да знаат дека се заразени со кракен. Ова е речиси невозможно во првите денови од инфекцијата.
Имено, раните симптоми се речиси идентични со омикронот. Заразените пациенти доживуваат кивање, слабост, главоболка, зголемени секрети, болки во коските…
Значи, состојбата во првите денови е слична како кога ќе се заразиме со грип или кога ќе или кога ќе настинеме. Меѓутоа, ситуацијата во наредните денови почнува забрзано да се комплицира и речиси на сите заразени на крајот ќе им биде потребна хоспитализација.
Каде е сѐ регистриран?
Бидејќи е лесно пренослив вирус, речиси секој контакт со заразено лице се инфицира. Фактот дека за само неколку недели е регистриран во повеќе од 29 земји е најдобар показател за тоа колку брзо се шири.
Во последните денови е регистриран во Велика Британија, САД, Романија, Јужна Африка, Нов Зеланд, Австралија, Данска, Франција, Германија, Шпанија, Кина, Пакистан, Индонезија, Холандија, Ирска, Сингапур и Индија.
Најкритично е во САД, каде што овој вид сочинува дури 40 отсто од вкупниот број на заразени лица.
Во Британија, на здравствените работници им е кажано да носат маски, да работат од дома кога можат и да одржуваат социјално растојание, оставајќи го британскиот здравствен систем во „ризик од колапс“.
Исто така, водечки германски здравствени претставници вчера изразија загриженост за новиот вид. Министерот за здравство на земјата, Карл Лаутербах, рече дека „се надева дека земјата ќе ја помине зимата, пред вирусот да се прошири меѓу луѓето“.
Како го доби своето име?
Инаку, на името на новиот сој му „кумувал“ еволутивниот биолог професор Т. Рајан Грегори. Кракен е всушност морско чудовиште од скандинавските земји. Се верува дека има многу пипала кои го заслужиле своето место во легендата уништувајќи цели бродови и влечејќи ги морнарите во смрт. XBB.1.5 е подваријанта на омикрон, поради што нема сопствено грчко писмо.
Кога станува збор за XBB. 1.5, тој настанал преку методот на именување на Панго (Панго е кратенка за филогенетско доделување на именувана глобална епидемија) и X означува дека тоа е рекомбинантна варијанта. Ова е хибрид од две варијанти што се формираат кога двете заразуваат едно лице во исто време и повторно се комбинираат за да направат нешто ново.
Како дојде до тоа?
Иако е именуван неодамна, според податоците на СЗО, оваа мутирана подваријанта настанала во периодот помеѓу ноември и декември 2022 година во или околу државата Њујорк.
Во јавноста се појавија информации дека е создаден уште пред тоа. Имено, епидемиологот д-р Ерик Феигл-Динг го обвини американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) дека порано не ги предупредил Американците за новата подваријанта и ги скрил податоците за циркулацијата на подваријантата.
„XBB.1.5 се појави во областа на Њујорк во октомври и оттогаш предизвикува проблеми“, рекол Феигл-Динг.
Сепак, засега не се знае која од изјавите е точна или кога јасно ќе се утврди времето на појавата на оваа ризична мутација.