Лино Червар денес пристигна во Битола и официјално го презема водењето на битолскиот клуб. Станува збор за најтрофејниот хрватски ракометен стратег, кој е роден во Умаг, Хрватска, во својата богата кариера беше олимписки и светски шампион со хрватската репрезентација, ја предводеше и македонската ракометна репрезентација.
Пред официјалниот прес, Лино Червар беше на прием кај градоначалникот, Тони Коњановски каде беше остварена средба, каде присуствуваа и претседателот на клубот Зоран Стерјев, потпретседателот Бојан Стерјев и спортскиот новинар Зоран Мишевски. Коњановски му посака добредојде и успешна работа во Битола, со очекување дека неговото искуство ќе придонесе за нови успеси на клубот и развој на младите ракометари.

На средбата беше потврдена соработката со Червар, кој потпиша договор на три години и се враќа на ракометната сцена по петгодишна пауза. Червар во минатото ја водеше и македонската репрезентација, а остави значаен печат и во „Металург“ од Скопје, каде што работеше на развој на млади таленти и создавање репрезентативци како Кузмановски, Талевски и Дрогришки.

