Машката младинска репрезентација на Македонија денеска го започнува настапот на Европското првенство за кошаркари „Под 20“ години од Дивизијата „Б“, кое од денес 10-ти до 19 јули се одржува во Братислава.
Македонската селекција ќе се натпреварува во групата „А“, заедно со репрезентациите на Ирска, Шведска, Азербејџан и домаќинот Словачка.
Избраниците на селекторот Никола Велев првиот испит ќе го имаат вечерва од 18:00 часот, кога ќе се соочат токму со домаќинот на шампионатот, репрезентацијата на Словачка.

Зад македонскиот тим е 25-дневен подготвителен период, во кој, според селекторот Велев, екипата успеала да ја изгради посакуваната форма и да создаде позитивна атмосфера пред почетокот на натпреварувањето.
„Зад нас е 25-дневен подготвителен период во кој сите играчи покажаа максимална посветеност и висок професионализам. Имавме добри услови за работа, што ни овозможи секојдневно да напредуваме и како поединци и како тим. Атмосферата во екипата е одлична, а голем удел во тоа имаат и изминатите години во кои голем дел од овие репрезентативци играат заедно“, вели Велев.
Селекторот се осврна и на кадровските проблеми со кои се соочи стручниот штаб во текот на подготовките.
„На првенството нема да можеме да сметаме на Никола Јаничиќ и Стефан Стојковиќ, кои не се доволно опоравени, како и на Димитар Зетов, кој најави заминување во Америка. Сепак, имаме целосна доверба во играчите кои се во составот и веруваме дека секој ќе го даде својот максимум.“
Пред првиот натпревар на Европското првенство, Велев потенцира дека вниманието е насочено исклучиво кон дуелот со Словачка.
„Сега целиот наш фокус е на првиот натпревар против Словачка. Одиме чекор по чекор и се надеваме дека работата што ја направивме во изминатиот период ќе ја покажеме и на теренот“, порача селекторот Велев пред вечерашната премиера на Европското првенство во Братислава.
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ НА МАКЕДОНИЈА
ГРУПА А
10. ЈУЛИ (ПЕТОК)
16.00: Шведска – Азербејџан
18.00: МАКЕДОНИЈА – Словачка
ЛИНК: https://www.youtube.com/live/Il6UTcK-2dU?si=lKkj9vo-6WOutZrl
11.ЈУЛИ (САБОТА)
13.30: Ирска – МАКЕДОНИЈА
ЛИНК: https://www.youtube.com/live/H9agTlZZoRo?si=U21BoUbATZb9pFZX
18.00: Словачка – Шведска
12.ЈУЛИ (НЕДЕЛА)
13.30: Шведска – Ирска
18.00: Азербејџан – Словачка
13. ЈУЛИ (ПОНЕДЕЛНИК) – СЛОБОДЕН ДЕН
14.ЈУЛИ (ВТОРНИК)
13.30: Шведска – МАКЕДОНИЈА
ЛИНК: https://www.youtube.com/live/5TwFiCFR3Qg?si=TeLAH2DyULp3Mnwp
18.00: Ирска – Азербејџан
15.ЈУЛИ (СРЕДА)
18.00: Словачка – Ирска
21.00: Азербејџан – МАКЕДОНИЈА
ЛИНК: https://www.youtube.com/live/nmqz6Plvz9o?si=5Mn5Qv-oznMjyeYK
*Натпреварите се играат во Арената „ГОПАСС“ и спортската сала „ЕУБА“ во Братислава

