Социјалдемократскиот сојуз на Македонија вчера ја објави втората група на кандидати за претстојните локални избори, меѓу кои и кандидатот за градоначалник на општина Битола.
Партијата официјално го номинира Методија Куновски, актуелен претседател на општинската организација на СДСМ во Битола, за свој кандидат за прв човек на градот.
Куновски ја прифати кандидатурата со благодарност и јасна посветеност за работа во интерес на сите граѓани.
„Со голема чест и одговорност ја прифатив номинацијата од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија за кандидат за градоначалник на Битола. Оваа поддршка за мене претставува не само признание, туку и јасен повик за посветена и искрена работа во интерес на сите граѓани”, напиша Куновски на својат Фејсбук профил.
Во објавата, тој им се заблагодари на раководството, членовите и активистите на партијата за укажаната доверба и порача дека оваа номинација ја доживува како заедничка мисија, а не како личен успех.
„Ве повикувам сите да се обединиме околу идејата за напредна и хумана Битола,“ напиша Куновски, потенцирајќи ги социјалдемократските вредности како водилка за иднината на градот.
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на вчерашната прес-конференција ја соопшти одлуката на Извршниот одбор на партијата, која се однесува на давање согласност за кандидатури за градоначалници за претстојните локални избори, меѓу кои и кандидат за Град Скопје, односно потпретседателката на СДСМ, Каја Шукова.
„Во Валандово – актуелниот градоначалник Перо Костадинов, во Виница – претседателот на општинската организација Гоце Милевски. Во Зрновци – исто така претседателот на општинската организација, Ванчо Митев, во Кавадарци – регионалниот партиски координатор Виктор Велевски. Во општина Карпош – д-р Маја Мојсова Мијовска, во општина Кисела Вода – Горан Трајковски. Во општина Маврово и Ростуше – Анес Ахмети. Во општина Ново Село – Петар Спасов, во Петровец – Елизабета Зелениковска. Во Прилеп – претседателката на општинската организација, Петра Лукароска, во Радовиш – исто така претседателот на општинската организација, Ристо Спасов. Во Свети Николе – Дејан Гичев, поранешен директор на подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Во општина Чашка – актуелниот градоначалник Горан Стојановски, во општина Брвеница – Светлана Митреска Анџелковска, и кандидат за градоначалник на СДСМ за Град Скопје ќе биде партиската потпретседателка и поранешна министерка, Каја Шукова”, рече Филипче.

