Шампион МЗТ Скопје Аеродром продолжува со победите откако на гостувањето во Гевгелија, „сино-белите“ го победија Кожув со 81:73, откако одиграа далеку подобро второ полувреме и стигнаа до вториот триумф во шампионатот. Домашниот состав одлично го отвори натпреварот и ја доби првата четвртина со 26:18, најавувајќи дека шампионот го очекува сериозен предизвик. Сепак, МЗТ Скопје Аеродром брзо одговори. Во вториот период гостите ја подигнаа играта, ја анулираа негативата и на паузата заминаа со минимална предност од 43:42.
Продолжението донесе уште посигурно издание на аеродромци. Предводени од расположениот Маслинко, кој веќе имаше 18 поени, гостите во средината на третата четвртина се одвоија на двоцифрена предност од 58:48. Свој придонес во налетот на шампионот имаше и Николиќ, кој во тие моменти веќе беше на 15 постигнати поени.
До крајот на третата четвртина МЗТ ја задржа контролата врз резултатот и влезе во последните десет минути со водство од 65:57. Кожув се обиде да се врати во натпреварот, но гостите не дозволија посериозна неизвесност во финишот, па заслужено стигнаа до победа од 81:73 на ова тешко гостување.
Маслинко и Николиќ со по 19 поени, повратникот Војдан повторно на теренот
Во победничкиот состав најефикасни беа Маслинко и Николиќ, кои постигнаа по 19 поени и беа клучни за вториот триумф на шампионот.
Добра вест за МЗТ Скопје Аеродром е и враќањето на Војдан Стојановски по повредата. Македонскиот репрезентативец го заврши натпреварот со девет поени, ист број реализации како и неговиот репрезентативен колега Бошалески.
Кожув имаше четворица стартери со двоцифрен број поени. Армстронг беше најефикасен кај домаќините со 17 поени, осум скока и четири асистенции. Бурис постигна 16 поени, дополнети со по четири скока и асистенции, додека Крстевски запиша 15 поени и шест скока.
Симиќ оствари дабл-дабл учинок од 14 поени и 12 скока, а придодаде и седум асистенции.
МТЕЛ СУПЕРЛИГА – МАЖИ
Работнички – Тиквеш Голден Игл 86:70
МКК Куманово – ГКК Штип 70:59
Кожув – МЗТ Скопје Аеродром 73:81
11.ОКТОМВРИ (Денес)
17.00: Струмица 2001 – Пелистер
Спортска сала „Парк“ – Струмица
Фото кфм

