Младата репрезентација на Македонија го претрпе првиот пораз на Европското првенство од Дивизијата „Б“ , откако во натпреварот од второто коло во групата „А“ загуби од селекцијата на Ирска со (69:56).
По победата на стартот на шампионатот, избраниците на селекторот Никола Велев не успеаја да го задржат победничкиот ритам. По солидното прво полувреме, следуваше пад во играта во третата четвртина, период кој се покажа како пресуден за конечниот исход. Ирската селекција уште од самиот почеток го наметна својот ритам и во првата четвртина создаде предност од седум поени (20:13).
Македонските кошаркари одиграа далеку подобро во вториот период, особено во дефанзивата. Со подобра енергија и поголема агресивност во одбраната успеаја значително да ја намалат негативата. По поените на расположениот Марко Луканоски во 16. минута, Македонија се доближи на само еден поен (25:26), враќајќи ја неизвесноста во натпреварот. Сепак, во финишот на првото полувреме Ирска повторно успеа да се одвои и на големата пауза замина со предност од 31:27.
Наместо продолжение на добрата игра, следуваше најслабата фаза на македонската селекција. Во првите осум минути од третата четвртина, Ирска направи серија од 12:2 и ја зголеми разликата на 43:29. Сергеј Младеновски накратко ја прекина серијата на противникот, но Македонија не успеа да најде напаѓачки ритам, па пред последните десет минути заостануваше со 32:48. До крајот резултатот не се промени, што значеше и прв триумф за Ирска на шампионатот, а прв пораз за Македонија во групата „А“.
Најефикасен во македонскиот состав беше Коста Ќириловски натпреварот го заврши со 17. поени и четири скока, додека Марко Луканоски со 12 поени и шест скока, а Младеновски освен седум реализации додаде и десет додавања и четири скокови.

Според распоредот на натпреварите во групата „А“, Македонија во третото коло е слободна, што ќе биде дополнителна можност за одмор и подготовка пред следниот предизвик.
Нашата младинска репрезентација на теренот повторно ќе истрча на 14 јули, кога од 13:30 часот ќе се соочи со селекцијата на Шведска, во натпревар кој може да има големо значење во борбата за пласман во следната фаза на Европското првенство во Братислава

