Најдобриот македонски атлетичар и национален рекордер во маратон, Дарио Ивановски, од денеска ќе биде ангажиран во Министерството за одбрана, каде што ќе работи на унапредување на физичката подготвеност на припадниците на Армијата и ќе даде придонес во работата на Советот на воени спортови.
Веста ја соопшти министерот за одбрана, кој истакна дека државата со гордост ги поддржува спортистите што со својот труд, истрајност и посветеност ја претставуваат Македонија на меѓународната сцена.
„Дарио Ивановски, македонскиот шампион и најдобар атлетичар, со својата дисциплина, борбеност и спортски дух е пример за сите генерации. Неговите успеси се потврда дека со посветена работа, истрајност и вистински вредности се постигнуваат големи резултати“, порача министерот.
Ивановски е еден од најуспешните македонски атлетичари во последните години. Тој е повеќекратен државен шампион, балкански шампион и актуелен македонски рекордер во маратон, полумаратон и на повеќе средни и долги патеки.
Во 2024 година, на маратонот во Севиља, Ивановски постави нов македонски рекорд во маратон со време од 2:08:26. Истата година настапи и на Олимписките игри во Париз, со што испиша нова страница во историјата на македонската атлетика.
Во Министерството за одбрана, Ивановски ќе има можност своето знаење, искуство и професионален пристап да ги пренесе на припадниците на Армијата, со цел дополнително унапредување на нивната физичка подготвеност и развојот на воениот спорт пренесува скопјеинфо.
Министерот му посака успех во новиот професионален ангажман, оценувајќи дека неговото искуство и спортски вредности ќе бидат значаен придонес за институцијата и за Армијата.

