Поскапи кредити за да се спречи уште поголемо поскапување на животот. Со ваква порака Народната банка ја зголемува основната каматна стапка од 4 на 4,25 проценти.
Потегот доаѓа во време кога инфлацијата и натаму е висока, а централната банка предупредува дека ризиците од нов раст на цените се уште не се надминати.
Иако инфлацијата во мај забави од 5,7 на 4,8 проценти, Народната банка оценува дека ценовните притисоци остануваат силни. Особено загрижуваат енергенсите и можноста нивното поскапување да се прелее и врз останатите производи и услуги. Затоа, наместо поевтини пари и полесно задолжување, централната банка избра дополнително затегнување на монетарната политика.
Дали и колку ќе поскапат кредитите ќе зависи од одлуките на банките. Славески вели дека Народната банка испраќа сигнал, но не ги одредува каматите за граѓаните и компаниите. Сепак, повисоката основна каматна стапка вообичаено значи поскапо финансирање и построги услови за задолжување.
Од Централната банка очекуваат мерката да ја намали домашната побарувачка, да ги стабилизира цените и да помогне инфлацијата постепено да се врати кон посакуваните нивоа пренесува 24вести.

