„Низ детските очи“ е книга за деца чиј автор е новинарката од Битола, Маја Богоевска, прво дело наменето за најмладите читатели.
Станува збор за збирка од 26 раскази за деца на возраст од 5 до 8 години, со внимателно избрани теми и топол наратив кои го отсликуваат детското секојдневие, нивната љубопитност и чиста перцепција за светот.
Рецензент на книгата е м-р Ана Кондоклоцис, која во својата оценка за делото истакна дека писателката Богоевска вешто и мајсторски го спојува детето во расказите со природата, љубовта кон растенијата и вкусните плодови, радувањето на детето на секое годишно време и другарството, кое не учи сите нас на најскапоцените вредности кои ги носиме цел живот.
Книгата „Низ детските очи“ е добитник на наградата „Пелистерски ракувања“, доделена на конкурс на издавачката куќа „Дата Песнопој“ и на јавноста ќе и биде претставена утревечер во битолското кино „Манаки“ на свечена промоција на која ќе зборуваат промоторите Биљана Котевска-Димко, професорка по македонски јазик и писателка и д-р Аница Златевска, психолог и автор на литература за деца. Во рамки на настанот ќе настапат и ученици од Гимназијата „Јосип Броз Тито“ – Битола, како и младиот 11-годишен саксофонист Филип Нешковски.
МИА

