Денеска присуствував на промоцијата на новата современа медицинска опрема во ЈЗУ Општа болница со проширена дејност „Борка Талески“ – Прилеп, заедно со директорот на болницата, директорот на ФЗОМ Сашо Клековски, прилепските пратеници, како и началниците и докторите од соодветните одделенија.
Станува збор за два нови современи медицински апарати со висок степен на дијагностика: дигитален тавански рентген систем со безжичен пренослив детектор и прилагодлива маса за пациентите, набавен од сопствени средства на болницата во вредност од 9.309.020 денари, како и кабинет за видео-ЕЕГ за педијатриски пациенти – прв ваков апарат надвор од Скопје. Овој апарат е набавен со донација од компанијата ВИК во вредност од околу 1.700.000 денари.
Во оваа прилика сакам да упатам благодарност до сите општествено одговорни компании кои континуирано придонесуваат за подобрување на условите во прилепската болница и за унапредување на здравствената заштита.
Искрени честитки до директорот Кире Јоноски и раководството на болницата за нивната посветеност, визија и домаќинско работење, преку кое се создаваат подобри услови и за пациентите и за медицинскиот персонал. Со континуирана модернизација на опремата, кадровско екипирање и подобрување на инфраструктурата, болницата успешно ги следи современите европски стандарди во здравството.
Прилепската болница денес обезбедува специјалистичко-консултативна и болничка здравствена заштита за околу 120.000 жители од регионот. И покрај тоа што дел од објектот е стар повеќе од 40 години, преку донации и сопствени средства се набавени нови медицински апарати вредни над 50 милиони денари, со значајни инвестиции во урологија, ортопедија, стерилизација и гинекологија, како и со обновување на одделенија и воведување нови методи на лекување.
Болницата, која некогаш беше меѓу најзадолжените здравствени установи со долг над 200 милиони денари, денес преку одговорно и домаќинско работење, како и со поддршка од Фондот за здравствено осигурување, успеа да го консолидира долгот на околу 109 милиони денари.
Со заедничка поддршка од локалната и централната власт, продолжуваме да градиме посигурно, поквалитетно и поздраво утре за граѓаните на Прилеп и целиот регион. – стои во соопштението на Фејсбук профилот на градоначалникот Проданоски Дејан.



