Општина Могила добива значајна капитална инвестиција за подобрување на водоснабдувањето, потпишан е договор за финансирање со кој ќе се овозможи комплетна изградба на нов водоводен систем за девет села: Беранци, Долно Српци, Вашарејца, Ивањевци, Подино, Свето Тодори, Трновци, Лознани и Новоселани.
Инвестицијата, вредна 1 милион евра, предвидува изградба на 24 километри нова водоводна мрежа, со што околу 2000 жители од овие населени места ќе добијат сигурен и квалитетен пристап до технички исправна вода за пиење.
Проектот е поддржан преку владината програма за капитални инвестиции. Во рамките на првиот јавен повик, за Општина Могила беа одобрени околу 14 милиони денари, додека со вториот дополнително се обезбедени околу 18 милиони денари.
Градоначалникот на општина Могила, Драганчо Саботковски, преку објава на својот Фејсбук профил ја истакна важноста на проектот, посочувајќи дека ова е уште еден чекор кон подобрување на животниот стандард и изедначување на условите за живот во сите населени места во општината. Тој упати благодарност до Владата и премиерот Христијан Мицкоски за поддршката.
„Продолжуваме со работа за чиста вода, модерна инфраструктура и подобра иднина за сите граѓани”, наведе Саботковски.

