Во Прилеп се намалува побарувачката на огревно дрво. Граѓаните се ориентираат и бараат други енергенси за загревање на домовите. ЈП Македонски шуми „Црн Бор“ од Прилеп со граѓаните има склучено договори за околу 5 000 метри кубни огревно дрво кои целосно ќе бидат испорачани до крајот на септември. Но, побарувачката е намалена за 10-тина проценти годинава, а за 30-тина во последниве години. Причините не се во цената која е зголемена 10-тина насто и се движи од 3 500 до 4 500 за еден метарт кубен дрво.
Според Пецо Јовевски, раководител на „Црн бор“, главните причини се намалувањо на бројот на населението, климатските промени и потребата од заштитата на животната средина.
-Се намалува побарувачката на огревно дрво. Ако годинава процентот на намалувањето е мал, до 10-тина отсто, во последниве неколку години за близу 30 проценти опадна побарувачката. Причините се во намалувањето на населението, иселувањето на младите. Остануваат повозрасните на кои не им треба многу огревно дрво за загревање на животниот простор. Тие бараат да се греат со клима уреди, некои со пелети, а огревното дрво е во втор план. Голема улога имаат и климатските промени. Зимите се сега поблаги. Според нашите пресметки, поевтино е да се загрева домот со дрво, ако станува збор за една просторија. Но, за повеќе, секако централното греење е поисплатливо, вели Јовевски.
Некои од повозрасните граѓани се децидни дека им е полесно и поекономично да се греат со инвертери, иако има и такви кои остануваат „верни“ на огревното дрво..
-Јас сум возрасна, не можам да се грижам за огревно дрво, поекономично и поисплатливо ми е со клима-уред, вели прилепчанка.
Како што нагласува Јовевски, за дрвокрадството и за пожарите кои и натаму претставуваат голем проблем, битни се контролите на терен.
-И за дрвокрадството и за пожарите најбитно е итно зголемување на контролата кој се движи во нашите шуми. Пожарите ги потпалуваат оние кои најдобро ги знаат шумите и пристапот до нив, а дрвокрадството „се подгрева“ во верувањето на луѓето дека ако купат огревно дрво „на диво“ ќе заштедат, што е огромна заблуда, констатира Јовевски од ЈП Македонски шуми „Црн бор“ – Прилеп.
фото: МИА

